Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
07.6.2018

Мајсториите на Азар доволни за „фараоните“

Белгија забележа победа во подготвителниот натпревар за Мундијалот во Русија на стадионот „Крал Бодуен“ против Египет со 3-0. Порази во подготвителните натпревари забележаа двата учесника на Светското првенство, Нигерија и Панама.

Блескаше Еден Азар, кој имаше одлучувачка улога кај првите два гола за еден од фаворитите од сенка на Мундијалот. Прво во 27-мата минута создаде позиција за удар и силно ја удри топката, а голманот Ел Хадади кратко ја одби до Ромелу Лукаку, кој не ја пропушти шансата да постигне нов гол во дресот на „црвените ѓаволи“. Играчот за врска на Челзи и најдобар играч на овој натпревар и сам се запиша во листата на стрелците 11 минути подоцна, кога неодбранливо шутираше по асистенцијата на Јаник Караско.
Египет и пред, а и по головите имаше неколку убави шанси, макар да постигне почесен гол, но немаше среќа. Во продолжението на времето Белгијците дојдоа до третиот гол, а стрелец беше Маруан Фелаини по асистенцијата на Миши Батшуаји. Белгија до почетокот на Светското првенство, на кое игра во групата Г со Англија, Тунис и Панама, го има уште дуелот со Костарика, додека Египет се натпреварува во групата А и средбите со Уругвај, Русија и Саудиска Арабија ги дочекува без победа во подготвителниот период.
Нов пораз претрпе Нигерија. Со минимален резултат беше подобра Чешка, а голот го постигна Калас во 25-тата минута од средбата. За репрезентативците на Нигерија ова е петти натпревар по ред без победа, во коишто имаа четири порази и ниту малку добра увертира за натпреварувањето во групата Д со селекциите на Хрватска, Аргентина и Исланд. Минимален пораз доживеа и Панама од Норвешка, а стрелец беше Џошуа Кинг.

Најнови вести