Корисничко име Лозинка Пријави се
18.9.2015

Шпанија е прв финалист на Евробаскетот

Шпанската репрезентација е првиот финалист на Евробаскетот откако на синоќешниот полуфинален натпревар ја совлада Франција со 80:75 (17:20, 15:13, 16:23, 18:10, 14:9). Шпанија по четврти пат е финалист на последните пет Европски првенства.

Франција водеше со осум поени по трите четвртини од средбата (56:48), но во последната четвртина Шпанците, предводени од Гасол, се изборија за предност, а на 14 секунди пред крајот Никола Батум постигна тројка и изедначи за продолжение на натпреварот. Во следните пет минути се менуваше водството, а по последната предност на Франција од 75:72, шпанските репрезентативци направија предност од 8:0, со што беше решен натпреварот.
Најдобар кај Шпанците беше Пау Гасол со постигнати 40 поени и 11 скокови, а кај француската екипа најдобри беа Никола Батум и Нандо де Коло со по 14 поени.
Натпреварот меѓу Шпанија и Франција го следеа 26.922 гледачи, што претставува нов рекорд на посетеност на еден европски кошаркарски натпревар.
Во недела се игра финалето на Евробаскетот, а следен финалист ќе биде победникот од вториот полуфинален натпревар меѓу Србија и Литванија, кој се игра вечерва од 21 часот.
Со пласманот во финалето, Шпанија обезбеди учество на ЛОИ во Рио де Жанеиро.
Во натпреварите за пласман од петтото до осмото место, Грција беше подобра од Летонија со 97:90, а Италија ја победи Чешка со 85:70. Грците и Италијанците обезбедија место во олимписките квалификации, а денес од 18.30 часот за седмото место, кое води во квалификациите, ќе се борат Летонија и Чешка.

Најнови вести