23.9.2013 Франција прв пат европски кошаркарски шампион
Кошаркарската репрезентација на Франција го освои златниот медал на Европското првенство, откако во финалето убедливо ја совлада Литванија со 80:66.
По пет бронзени и два сребрени медали, „триколорите“ конечно станаа шампиони на Европа.
Повеќе од заслужено, мразот го проби фантастичната и посветена генерација со Паркер, Батум и Дијао на чело.
Во финалето Литванија добро се држеше во првите 15 минути благодарение на одличниот Клеиза, но кога тој престана, престана и Литванија.
Батум го одигра најдобриот меч на турнирот, во првото полувреме постигна 17 поени и беше извонреден во одбраната, а Франција полувремето го заврши со серија 21:3 и водеше со 50:34.
Во продолжението Дијао беше маестрален, а Литванците ниту еднаш не ја намалија разликата под 14 поени.
Сепак, тимот на Јонас Казлаускас може да биде задоволен – беше на работ на елиминација во првата фаза, а натпреварувањето го заврши со сребрен медал, шести медал во историјата на Литванија.
Во натпреварот за третото место Шпанија ја победи Хрватска, а селекторот на „коцкестите“, Јасмин Репеша, изјави дека неговиот тим останал без енергија. Шпанците се задоволни со победата, но истакнаа дека сакале да го освојат златниот медал.