Корисничко име Лозинка Пријави се
04.7.2013

Жунињо го напушти Њујорк Ред булс само по седум месеци

Само по седум месеци, Жунињо Пернамбукано, 38-годишниот бразилски фудбалски ветеран, одлучи да го напушти фудбалскиот клуб од МЛС-лигата, Њујорк Ред булс.

„Многу сме разочарани што Жунињо одлучи да се врати во Бразил бидејќи е голем професионалец и многу талентиран фудбалер. Му посакуваме сè најдобро и му се заблагодаруваме на вредните придонеси во првата половина од сезоната 2013“, изјави спортскиот директор на њујоршката екипа, Енди Роксбург.
Жунињо во Ред булс дојде во декември минатата година од Васко де Гама, а засега не се знае дали и каде ќе ја продолжи кариерата.
„Пред да си одам дома, сакам да му се заблагодарам на Њујорк Ред булс за шансата што ми ја даде да ја искусам МЛС-лигата и на клубот и на неговите одлични навивачи им посакувам успех во остатокот на сезоната“, изјави Жунињо.
Поранешниот долгогодишен играч на Лион (2001 – 2009), познат по одличните изведувања на слободни удари, за Ред булс настапи во 13 натпревари во МЛС-лигата, од кои во десет од нив како стартер, постигнувајќи четири асистенции.

Најнови вести