Корисничко име Лозинка Пријави се
20.5.2013

Стеауа – Виторул 2-5, тренерот даде оставка, па ја повлече

Она што многумина го предвидоа, на крајот и се случи: Давеникот победи на гости кај шампионот на Романија, кој беше во серија од девет натпревари без пораз. Стратегот Регекамф прво рече, па потоа негираше дека ќе си замине од клубот бидејќи не сака да учествува во наместени натпревари.

Општ метеж во Романија поради сензационалниот триумф од 5-2 на давеникот Виторул над Стеауа на нејзин терен. Со денови пред натпреварот се шпекулираше дека има индиции Стеауа, која одамна ја обезбеди титулата, може да му ги пушти бодовите на Виторул, кој грчевито се бори за опстанок. Многу обложувалници се сомневаа во овој исход, па единица на победа на Стеауа беше дури 3,05, иако на сите им е јасно дека домашниот тим е многу, многу, поквалитетен од ривалот и дека во нормални околности коефициентот на единицата би била максимално 1,50-1,60.
На крајот и се случи тоа што многумина го очекуваа, што во Романија предизвика лавина критики и сомнежи во регуларноста. Уште на полувремето беше шокантни 1-4, а вреди да се истакне дека изнервираниот тренер на домашните фудбалери, Лаурентиј Регекамф, го замени дефанзивниот играч Брату уште во 40-тата минута?! Сомнително? Веднаш по натпреварот Регекамф пред телевизиските камери видно нервозен најави дека го напушта клубот.
„Некои играчи се смееја и се шегуваа по натпреварот!? Што е тука смешно? Тоа е жалосно... Некои беа катастрофални! Луѓето коишто го водат овој клуб во иднина би требало добро да се позанимаваат со некои фудбалери и да видат што ќе прават со нив. Што се однесува до Дору Брату, жал ми е и што го доведов во клубот бидејќи не сакам да се занимавам со валкани работи. Сакам со дигната глава да го напуштам клубот“, луто изјави Регекамф.
На овие зборови од тренерот реагираше и контроверзниот сопственик на Стеауа, Џиџи Бекали.
„Секој го бира својот животен пат, па и Регекамф. Ние сакаме тој да остане во клубот. Ако тој мисли дека јас сум учествувал во некои валкани работи и дека нешто сум му рекол на Брату, тогаш не ме познава добро, бидејќи Џиџи Бекали никогаш не се занимавал со неморални работи. Донекаде го разбирам, бидејќи неговиот тим доживеа дебакл и тешко му е“, изјави Бекали.
Само дваесет минути подоцна, Регекамф се појави на конференцијата за медиумите и го промени мислењето.
„Не реков дека сигурно заминувам, туку дека прво ќе разговарам со Бекали да видиме што да правиме со некои играчи, бидејќи вака веќе не може. Неприфатливо е однесувањето на одредени играчи, како што се Јанку и Николиќ. Што се однесува до валканите работи, алудирав на тоа што се провлекуваше во медиумите претходните денови“, изјави тренерот на Стеауа.
Според извештаите од Романија, сопственикот на клубот, контроверзниот Џиџи Бекали е уапсен откако се обидел да ја напушти државата и да замине во Израел. По целиот циркус, се чека и одлука од Романскиот фудбалски сојуз и дали ќе има некакви санкции за најтрофејниот романски клуб.

Најнови вести