Корисничко име Лозинка Пријави се
11.8.2018

Премиера за мерак, Шкендија против Вардар за супер старт на Првата македонска лига

Втора година по ред со супер дербито меѓу Шкендија и Вардар ќе почне новата сезона во македонската Прва лига, а интересно е што дури 6 екипи од вкупно десет се од два града, Скопје и Тетово

Шкендија и Вардар, заедно со мечот меѓу Работнички и Ренова, денеска од 17 часот ќе го означат стартот на новата сезона во мак-фудбалот.
Големото дерби на екипите во „црвено-црни“ бои меѓу Шкендија и Вардар, во Тетово е во фокусот и е дерби во првото коло.
Шкендија по сите параметри е прв фаворит за титулата, но најтрофејниот клуб кај нас, Вардар си има свои сметки. Дерби со посебен шмек, со дополнителен интензитет и ривалство кое расте од година во година. Лани Шкендија тргна со победа против Вардар и  на крајот убедливо ја освои титулата. И сега тетовци се топ-фаворити за трета домашна круна, а главен адут секако ќе биде најдобриот стрелец од лани, Бесарт Ибраими. Шкендија остана без репрезентативецот Ферхан Хасани, што е хендикеп, но ги купи Селмани, Мици и Нафиу, одлично трио фудбалери што носи дополнителен квалитет. Проблем за Шкендија ќе биде отсуството на повредениот репрезентативец Марјан Радески.
Вардар е најтрофејниот македонски фудбалски клуб со 10 титули во првенствата на Македонија и една од поранешна Југославија. Со нов тренер, Александар Васоски и со драстично променет состав проблем за „црвено-црните“ ќе биде брзо да се воигра тимот. Проблем се и финансиите и турбуленциите во клубот, но реномето и рејтингот на најголемиот клуб кај нас можат да бидат дополнителна инспирација кај играчите во битката за  нова титула.
Доминацијата на Скопје и на Тетово, два града кои даваат дури 60 проценти од вкупниот број на прволигаши ќе се обидат да ја оправдаат и двата фаворити од сенка, Работнички и Шкупи.
„Романтичарите“ од Дебар Маало имаат голем адут во еден од најдобрите тренери кај нас, Ѓоре Јовановски. Пред себе, искусниот стратег ќе има цела сезона да го предводи вториот најтрофеен клуб во историјата на македонскиот фудбал. Јовановски го презеде кормилото на Работнички во текот на ланската сезона, па сега ќе има вистинска шанса да ја спроведе на дело својата фудбалска визија. Податокот дека има пет титули со различни клубови во Македонија го потврдува калибарот на одличен стратет, што ќе биде голем адут на Работнички. Екипа која се засили и со одличен спонзор, компанијата „Сеавус“, па амбициите се јасни, атак на петтата титула во домашното првенство.
Во редот на фаворитите е и Шкупи, екипа која има одличен состав, засилен со искусниот Муарем Муарем и Серџо Јуниор. Во текот на ланската сезона беа решени и финансиските турбуленции, со доаѓањето на нов спонзор, па Шкупи оваа сезона ќе биде многу посилен.
Амбиции за излез во Европа имаат и трикратниот првак Силекс, Победа, која исто така го смени раководството во финишот на ланската сезона, па ќе се обиде да се пласира во горниот дел од табелата, потоа и Ренова и двата нови прволигаши Беласица и Македонија Ѓорче Петров. 
И како куриозитет за почеток на новата сезона во Првата лига е податокот дека сите екипи што освојувале титули ќе играат во најквалитетниот фудбалски ранг кај нас.

Прво коло:  
Денеска од 17 часот: Шкендија – Вардар, Работнички – Ренова
Утре, 17 часот: Академија Пандев – Македонија Ѓ.П., Победа – Беласица, Шкупи – Силекс.

 

 

Топ 5 Факти – Прва македонска лига

ТИТУЛИ
Вардар (10)
Работнички (4)
Силекс и Слога Југомагнат (3)
Шкендија и Победа (2)
Македонија Ѓ.П и Ренова (1)

ТОП СТРЕЛЦИ
Баже Илијоски (Шкупи) 142
Бесарт Ибраими (Шкендија) 130
Зоран Бошковски (не е активен) 126

ОСВОЕНА ТИТУЛА СО НАЈМНОГУ БОДОВИ
Шкендија 91 бод – сезона 2017/18

ОСВОЕНА ТИТУЛА СО НАЈДОБРА ГОЛ-РАЗЛИКА
Вардар 119:16 (+103) – сезона 1992/93

ОСВОЕНА ТИТУЛА СО НАЈГОЛЕМА БОДОВНА РАЗЛИКА
Шкендија (+31 бод) – сезона 2017/18

 

Најнови вести