Корисничко име Лозинка Пријави се
06.10.2014

Победата на Хамилтон во сенка на несреќата на Бјанки

Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес триумфираше на Големата награда на Јапонија, која беше прекината по тешката несреќа на Жил Бјанки, кој се здоби со повреда на главата.

Хамилтон до осмата победа оваа сезона, 30-та во кариерата, дојде за време од 1:55:22.617 минути во исклучително лоши услови поради тајфунот кој ја погоди патеката „Сузуки“.
Второто место го зазеде другиот возач на Мерцедес, Нико Розберг, пред Себастијан Фетел во болидот на Ред Бул.
Триумфот на Хамилтон остана во сенка на инцидентот во самиот финиш на трката, во којшто учествуваше Бјанки, кој се случи во седмата кривина. Французинот удри во едно редарско возило, кое дојде да го извлече болидот на Адријан Зутил, кој имаше несреќа неколку минути пред тоа. Кога тимот го прашал Бјанки дали е добро, тој не одговорил. Откако му беше дадена помош, тој со амбулантно возило е префрлен во болница, каде што е установено дека има повреда на главата и итно му е извршена операција.
Големата награда на Јапонија ја обележаа лошите временски услови во коишто Хамилтон најдобро се снајде. Трката почна зад безбедносното возило, а на тој начин и заврши. Хамилтон во продолжението на трката беше зад Розберг, па одлично го престигна и брзо се одвои, а потоа ја одржа таа предност. Фетел до подиумот дојде по голема борба со тимскиот колега Даниел Рикијардо и Џенсон Батон во болидот на Мекларен.
Зад најдобрите петмина, следуваа двајцата возачи на Вилијамс, Валтери Ботас и Фелипе Маса, и возачот на Форс Индија, Нико Хилкенберг. Првите десетмина ги комплетираа Жан Ерик Верњ во болидот на екипата на Торо Росо и другиот возач на Форс Индија, Серхио Перез.
До крајот на сезоната останаа уште четири трки, а Хамилтон благодарение на победата, ја засили својата предност во однос на Розберг на десет бодови. Наредната трка се вози на 12-ти октомври за Големата награда на Русија во Сочи.
Здравствената состојба на Жил Бјанки, кому вчера му беше извршена операција на главата поради повредата здобиена во текот на Големата награда на Јапонија, засега се држи во строга тајност.
Од синоќа не се појави ниту една вест за состојбата на Бјанки, по информацијата дека нема да има никакви известувања во наредните 24 часа од операцијата.
„Засега е невозможно да се дознае што било за неговата состојба, ниту дали поминал мирна ноќ, дали му е извршена операција по втор пат, дали е во кома, дали дише самостојно или со помош на апарати“, пренесува францускиот дневник „Л’Екип“.

Резултати од трката за Големата награда на Јапонија (по 44 кругови):
1. Луис Хамилтон (Велика Британија) Мерцедес 1:51.43.021
2. Нико Розберг (Германија) Мерцедес + 9.180
3. Себастијан Фетел (Германија) Ред Бул + 38.818
4. Даниел Рикијардо (Австралија) Ред Бул + 1:07.550
5. Џенсон Батон „Велика Британија) Мекларен + 1:53.773
6. Валтер Ботас (Финска) Вилијамс + 1:55.126
7.
Генерален пласман на возачите:
1. Луис Хамилтон 266
2. Нико Розберг 256
3. Даниел Рикијардо 193
4. Себастијан Фетел 139
5. Фернандо Алонсо 133
6. Валтери Ботас 130
7.
Генерален пласман на конструктори:
1. Мерцедес 522
2. Ред Бул 332
3. Вилијамс 201
4. Ферари 178
5. Форс Индија 122
6. Мекларен 121


Најнови вести