Корисничко име Лозинка Пријави се
30.7.2018

Хамилтон неприкосновен на „Хунгароринг“

Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, триумфираше на Големата награда на Унгарија, 12-тата трка од овогодишниот шампионат на Формула 1.

Британецот до петтата победа оваа сезона, а рекордна шеста на патеката „Хунгароринг“, дојде пред Себастијан Фетел во Ферари. Ним им се придружи и тимскиот колега на Фетел, Кими Раиконен.
На тој начин, бранителот на титулата ја зголеми својата предност на чело на генералниот пласман во однос на Фетел на 24 бода пред летната пауза.
Хамилтон без поголеми проблеми дојде до 67-миот триумф во кариерата бидејќи стартуваше од пол-позицијата, а водството го испушти само кога отиде во боксот. Иако во текот на трката имаше само два периоди на виртуелното безбедносно возило, неговата победа во ниту еден момент не беше доведена во прашање.
Зад него имаше голема борба, до самиот финиш се чинеше дека Мерцедес ќе дојде до двократен триумф. Но, двајцата од Ферари успеаја да го стигнат Валтери Ботас, кого Фетел со својот напад го натера да направи грешка, која ја искористи и Раиконен за да го престигне.
Тука не беше крајот на возбудувањата, Ботас го предизвика и Даниел Рикијардо, возачот на Ред Бул, па дојде до контакт меѓу нив двајца. Австралиецот заврши надвор од патеката, но до крајот на трката успеа да стигне до четвртото место, пред Финецот, а по нив следуваше Пјер Гасли, возачот на екипата Торо Росо. Седми беше Кевин Магнусен во болидот на Хас, пред Фернандо Алонсо во Мекларен, Карлос Саинс јуниор во Рено и неговиот тимски колега Роман Грожан.
Овогодишниот шампионат на Формула 1 продолжува со Големата награда за Белгија на 26-ти август.

Најнови вести