Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2018

Фетел со 50-тиот триумф го прекина постот на Ферари во Канада!

Себастијан Фетел, возачот на Ферари, победи на Големата награда на Канада, на седмата трка на овогодишниот шампионат на Формула 1.

Фетел на патеката „Жил Вилнев“ дојде до третата победа оваа сезона, а 50-та во кариерата, и со тоа воедно го прекина постот на својот тим во Монтреал кој траеше од 2004 година.
Второто место го зазеде Валтери Ботас во Мерцедес, додека на третото победничко скалило се искачи Макс Ферстапен, возачот на Ред Бул.
Големата награда на Канада не даде многу изненадувања колку што се очекуваа, бидејќи борбата за победата практично беше решена на стартот. Фетел тогаш стартуваше одлично, се одбрани од нападот на Ботас, а Ферстапен успеа да ја задржи третата позиција. Младиот Холанѓанец во финишот се обиде да го загрози возачот на Мерцедес, но немаше доволно време, па двајцата низ целта поминаа со разлика од една десеттинка еден од друг.
Седмата трка покрај одличното возење на Фетел, ја обележа и инцидентот од првиот круг во којшто учествуваа Брендон Хартли од Торо Росо и Ленс Строл во болидот на Вилијамс. Домашниот возач го протера возачот во ѕидот, тој практично летна, а потоа со себе го собра и Строл кога излета. На патеката излезе безбедносното возило, а тука беше и крајот на големите возбудувања во Монтреал.
На крајот по најдобрите тројца, следуваше Даниел Рикијардо, возачот на Ред Бул, кој по заминувањето во боксот, успеа да го престигне бранителот на титулата Луис Хамилтон. Британецот мораше да му го препушти водството во генералниот пласман на Фетел, бидејќи низ целта помина како петтопласиран. Кими Раиконен во другиот болид на Ферари мораше да се задоволи со шестата позиција, пред двајцата возачи на Рено, Нико Хилкенберг и Карлос Саинс јуниор. Освојувачите на бодови ги комплетираа Естебан Окон, возачот на Форс Индија, и Шарл Леклер во Заубер.
Фетел на првата позиција во генералниот пласман сега има 121 бод, еден повеќе од Хамилтон, додека Ботас е трет со 86.
Овогодишниот шампионат на Формула 1 продолжува на 24-ти јуни со трката за Големата награда на Франција, која по десет години се врати во календарот.

Најнови вести