Корисничко име Лозинка Пријави се
16.4.2018

Првенец на Рикијардо, самоуништување на Ферари и на Мерцедес!

Даниел Рикијардо, австрискиот возач на Ред Бул, е победник на Големата награда на Кина, третата трка во календарот на шампионатот на Формула 1 оваа сезона. Рикијардо во Шангај го забележа неговиот прв триумф во сезоната, шести во кариерата, искористувајќи ја целосно погрешната стратегија на Ферари и на Мерцедес.

Второто место го освои Валтери Ботас од Мерцедес, трет беше Кими Раиконен, возачот на Ферари, додека актуелниот шампион Луис Хамилтон ја зазеде четвртата позиција. Макс Ферстапен беше петти, Нико Хилкенберг шести, Фернандо Алонсо седми, Себастијан Фетел осми, Карлос Саинс деветти, а Кевин Магнусен се пласира на десеттата позиција.
Фетел го задржа првото место во генералниот пласман со 54 бода, по него е Хамилтон со 45, потоа следува Валтери Ботас, кој има 40, Рикијардо е четврти со 37, Кими Раиконен петти со 30, а Фернандо Алонсо и Нико Хилкенберг имаат по 22.
Фетел по десет кругови и понатаму водеше, но Ботас го следеше и не му дозволуваше да направи предност. Хамилтон во тој момент беше петти, а меѓу нив возеа Ферстапен и Раиконен.
Одличниот Рикијардо беше незадржлив на трката, го престигна Фетел во 42-риот круг, а во 45-тиот зад него остана и Валтери Ботас. Австралиецот со одлична маневра го престигна Финецот и прашањето кој ќе биде победник веќе не се поставуваше.
Мерцедес го презеде првото место во конкуренцијата на конструкторите со 85 бода, Ферари е втор со 84, Ред Бул има 57, Мекларен-Рено 28, Рено 25...
Четвртата трка се вози на 29-ти април во Баку за Големата награда на Азербејџан. Минатата година на оваа трка славеше Рикијардо.

Најнови вести