Корисничко име Лозинка Пријави се
04.10.2014

Розберг од пол-позицијата во Јапонија

Нико Розберг, возачот на Мерцедес, ќе стартува од пол-позицијата на 14-тата трка на овогодишниот шампионат на Формула 1, Големата награда на Јапонија.

Германецот до пол-позицијата на легендарната „Сузуки“ дојде за време од 1:32.506 минути, а на стартот на трката, утре од осум часот, во првиот ред ќе му се придружи тимскиот колега Луис Хамилтон.
Третата стартна позиција ќе ја заземе Валтери Ботас во болидот на Вилијамс.
На Големата награда на Јапонија и понатаму ѝ се заканува тајфун, кој пределот во кој се наоѓа „Сузуки“ би требало да го погоди утре, но не е донесена одлука за одложување на стартот на трката.
Во квалификациите Розберг извози речиси совршен круг на легендарната патека и речиси за две десеттинки го надмина Хамилтон. Британецот цело време му беше најблизок ривал на својот тимски колега, но во последните моменти успеа само да се приближи, а не и да го престигне. Ботас беше четири десеттинки назад, а токму за толку победи другиот возач на Вилијамс, Фелипе Маса.
Зад најдобрите четворица се најде возачот на Ферари, Фернандо Алонсо, пред Даниел Рикијардо во болидот на Ред Бул и двајцата на Мекалрен, Кевин Магнусен и Џенсон Батон. Првите десетмина ги комплетираа Себастијан Фетел и Кими Раиконен во Ферари коишто следната сезона ќе бидат тимски колеги во италијанската екипа.
Првиот дел од квалификациите не донесе изненадувања, а покрај возачите на Марусија и Катерхем, елиминирани се и двајцата од Лотус. Пастор Малдонадо го имаше 17-тото време, пред тимскиот колега Роман Грожан, а ги следеа Маркус Ериксон, Жил Бјанки, Камуи Кобајаши и Макс Чилтон.
Сличен случај е виден и во вториот дел. Тогаш прв под линијата беше возачот на Торо Росо, Жан-Ерик Верни, пред Серхио Перез во болидот на Форс Индија и својот тимски колега Данил Кјат. Другиот возач на Форс Индија, Нико Хилкенберг, ќе ја заземе 14-тата позиција на стартот, пред двајцата од Заубер, Адријан Зутил и Естебан Гутиерез.

Најнови вести