Корисничко име Лозинка Пријави се
22.7.2014

Адвокат нов селектор на Србија

Холандскиот тренер Дик Адвокат ќе биде нов селектор на репрезентацијата на Србија, изјави за „Б92“ Томислав Караџиќ, претседателот на Фудбалската федерација на Србија.

Адвокат на местото селектор ќе го наследи Љубинко Друловиќ, кој беше вршител на должноста по заминувањето на Синиша Михајловиќ.
„Утре или во четврток официјално ќе потврдиме дека Дик Адвокат е селекторот. Во текот на викендот би требало да биде и неговото претставување“, изјави Караџиќ за српските медиуми.
Дик Адвокат има 66 години и богата тренерска кариера, во која ги водеше: ПСВ, Глазгов ренџерс, Менхенгладбах, Зенит, АЗ Алкмар, но и селекциите на Холандија, Белгија и Русија. Најголемиот успех го постигна со Зенит, со кого го освои Купот на УЕФА и Суперкупот на Европа.
„Србија има одличен тим, фокусот ќе биде на квалификациите за Европското првенство 2016 година. Не сакав да работам како клупски тренер. ФСС презеде иницијатива во преговорите и се согласив“, изјави Адвокат за холандските медиуми и изјави дека ќе потпише двегодишен договор.
На Адвокат, но и на Фудбалската федерација на Србија императив ќе им бидат квалификациите за ЕВРО 2016 година, откако српскиот тим пропушти да се квалификува за Европското првенство 2012 и за Светското првенство оваа година.
Србија се наоѓа во групата И во квалификациите за наредното Европско првенство заедно со Португалија, Данска, Ерменија и Албанија.

Најнови вести