Корисничко име Лозинка Пријави се
30.10.2017

Муслин не се враќа во Србија, ФСС бара наследник

Фудбалскиот сојуз на Србија денес ќе го раскине договорот со Славољуб Муслин и со тоа ќе стави точка на соработката со селекторот кој ја одведе Србија на Мундијалот.

Како што наведува „Журнал“, Српската куќа на фудбалот ќе го исплати селекторот, кој по осум години пост го одведе националниот тим на големото натпреварување, сè што заработил и ќе тргне во потрага за негов наследник.
Бидејќи е обезбеден пласманот на завршниот турнир во Русија, договорот на селекторот автоматски е продолжен до крајот на натпреварувањето идното лето.
Оваа информација истовремено ја пренесуваат и „Новости“, наведувајќи дека искусниот стручњак по тричасовниот состанок со Славиша Кокеза, претседателот на ФФС, ја напуштил Србија и се вратил во Франција и дека нема намера повторно да седне на преговарачка маса со првиот човек на српскиот фудбал.
„Доколку му одговара предлогот на ФФС за раскинувањето, ќе го потпише, но ако финансиската страна не биде по негова волја, ќе чека ФФС да го отпушти и да го исплати според договорот кој му истекува во јули 2018 година“, се наведува во дневниот весник.
Неофицијално, на поранешниот тренер на Црвена ѕвезда му било забележано за лошата и неубедлива игра во финишот на квалификациите, како и поради тоа што не повикал одредени, пред сè, млади играчи (Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Андрија Живковиќ...).
Според најавите, „орлите“ во претстојните пријателски средби со Кина и со Јужна Кореја најверојатно ќе ги предводи Младен Крстајиќ, асистентот на Муслин, додека ФФС бара наследник.
На прв поглед се чинеше дека тоа ќе биде Драган Стојковиќ-Пикси, тренерот на кинескиот Гвангжу РФ, но изгледа дека тој во овој момент не сака да го направи тој чекор, додека се споменуваат и имињата на Владимир Вајс, поранешниот селектор на Словачка, кому на крајот на квалификациите му истече договорот со ФС на Грузија, но и на Љубиша Тумбаковиќ, актуелниот селектор на Црна Гора.