Корисничко име Лозинка Пријави се
26.6.2014

Владата на Гана на фудбалерите им испраќа три милиони долари во кеш

Владата на Гана соопшти дека на своите фудбалери на Светското првенство во Бразил со специјален авион ќе им ја испрати ветената награда во износ од три милиони долари во кеш.

Заменик-министерот за спорт на Гана, Џозеф Јамин, за националното радио Сити ФМ во Акра изјави дека таа африканска земја изнајмила авион кој ќе одлета до Бразил бидејќи фудбалерите барале да им се плати премија за учество на Светското првенство и тоа во готово.
„На играчите до денес не им се платени ветените надоместоци за учество на Мундијалот“, изјави Јамин.
Како што соопшти Фудбалската асоцијација на Гана, претседателот на земјата, Џон Драмани Махама, лично ги уверил играчите дека ќе ги добијат парите.
Гана и понатаму има шанси да се пласира во нокаут-фазата на Мундијалот, но во денешниот последен натпревар од групната фаза мора да ја победи Португалија, иако тоа не е единствениот услов.
Во случај селекциите на САД и Германија да одиграат нерешено, Гана и Португалија автоматски испаѓаат од Мундијалот.
Фудбалската репрезентација на Гана на почетокот на оваа седмица беше вознемирена од извештајот на „Дејли телеграф“, кој го обвини претседателот на Фудбалскиот сојуз на Гана, Квеси Њантакија, дека се согласил да мести натпревари за пари. Тој ги демантираше тие обвинувања.

Најнови вести