Корисничко име Лозинка Пријави се
08.6.2013

Хрватска шокирана од Шкотска во Загреб

Репрезентацијата на Шкотска направи вистинска сензација со победата од 1-0 во групата А во Квалификациите за Светското првенство во Бразил.

Голот на Роберт Снодграс во 26 минута беше доволен за победа на Шкотска, а со поразот Хрватска си ги искомпликува шансите за директен пласман на Светското првенство во Бразил 2014 година.
На првите шест натпревари во групата, во која е и Македонија, Шкотите освоија само два бода, и со голем број повредени репрезентативци како аутсајдери пристигнаа во Загреб. Сепак, борбените анонимни фудбалери од северот на Велика Британија ја шокираа Хрватска која очекуваше убедлива победа на избраниците на Игор Штимац.
Хрватите натпреварот го почнаа доста анемично, а тоа го казни Снодграс, кој беше побрз од Плетикоса, по одличниот пробив на Шон Малони.
По примениот гол Хрватска се разбуди, Самир имаше одлична шанса но не постигна гол. Се закани и Ракитиќ со удар со глава, а Штимац ги внесе Манџукиќ, Крањчар и Едуардо, кои внесоа живост во играта, од одличниот голман на Шкотите, Алан Мекгрегор, остана несовладан до крајот за голема победа на Шкотска која ја продолжи традицијата и остана непоразена во дуелите со „коцкастите“.
Во вториот натпревар од нашата група, Белгија славеше против Србија во Брисел со 2-1 со головите на Де Бројне и Фелаини во 13 и 60 минута , а Србија преку Коларов намали во 88 минута.
Хрватска остана на 13 бодови, три помалку од Белгија, и најверојатно место на Мундијалот ќе бара преку бараж како второпласирана репрезентација.

Најнови вести