Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
08.2.2018

„Аѕурите“ го чуваат Буфон, но го враќаат и Балотели

Како што пренесуваат италијанските медиуми, Луиџи ди Бјаџо, вршителот на должноста селектор на репрезентацијата на Италија, за пријателските натпревари во март има намера да го повика искусниот голман Џанлуиџи Буфон, но и да го врати напаѓачот Марио Балотели.

Италија на 23-ти март ќе игра против Аргентина во Манчестер, додека четири дена подоцна ќе излезе на мегдан со Англија во Лондон. За тие натпревари ќе биде повикан и легендарниот Буфон, кој планираше да се повлече од државниот тим по Светското првенство во Русија, но планот му пропадна бидејќи Италија не се пласира на Мундијалот.
Освен чуварот на мрежата на Јувентус, повик ќе добие и Џорџо Кјелини, дефанзивниот играч на „старата дама“, како што пишуваат италијанските медиуми, повеќе поради континуитет, а не поради план тие долгорочно да бидат дел од тимот.
Во репрезентацијата по четири години се враќа и офанзивниот играч Марио Балотели, кој од 2010 до 2014 година играше на 33 натпревари за Италија и постигна 13 гола.
Ди Бјаџо, кој е селектор и на младата репрезентација на Италија, планира да повика и некои од клучните играчи на „аѕурите“ со коишто досега успешно работеше. Во селекцијата ќе бидат повикани и Џанлуиџи Донарума, Даниеле Ругани, Алесио Ромањоли, Роберто Галјардини и Федерико Бернардески, додека можно е за националниот тим да играат и Давиде Калабрија, Мануел Локатели и Патрик Кутроне.

 

Најнови вести