Корисничко име Лозинка Пријави се
27.11.2017

Победа на Ботас во Абу Даби за крај на сезоната

Валтери Ботас, возачот на Мерцедес, победи на големата награда на Абу Даби, во последната трка од оваа сезона на Формула 1, која се возеше на патеката „Јас марина“ во Обединетите Арапски Емирати.

На патеката „Јас марина“ немаше премногу возбудувања бидејќи прашањето за шампионот на Формула 1 веќе беше решено. Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, четвртата титула ја обезбеди уште во Мексико, на 29-ти октомври, на две трки пред крајот, но во Абу Даби придонесе за двоен триумф на „Сребрената стрела“.
Во Обединетите Арапски Емирати победи неговиот колега, Финецот Ботас, кој тргна од пол-позицијата, а трката по 55 кругови ја заврши за време од 1:34:14.063, додека Хамилтон беше втор со заостанување од 3.899 секунди.
Трет беше Германецот Себастијан Фетел во болидот на Ферари со 19.330 секунди послаб резултат, додека зад него беше неговиот колега од италијанската екипа, Финецот Кими Раиконен.
Макс Ферстапен, возачот на Ред Бул, ја зазеде петтата позиција, шести беше Нико Хилкенберг во Рено, а во првите десет се пласираа: Серхио Перез (Форс Индија), Естебан Окон (Форс Индија), Фернандо Алонсо (Мекларен) и Фелипе Маса (Вилијамс).
Легендарниот Бразилец Маса во Абу Даби и дефинитивно се збогува од Формула 1, по 16 сезони во најбрзиот циркус на светот.
Трката на патеката „Јас марина“ не ја завршија само Карлос Саинс од Рено и Даниел Рикијардо од Ред Бул.
На крајот во пласманот на возачите, Луис Хамилтон собра 363 бода за титулата, додека Себастијан Фетел остана на 317. Трет во генералниот пласман е Ботас со 305 бода, додека четврти е Кими Раиконен со 205 . Искусниот Финец со тоа го победи Рикијардо во борбата за четвртото место, кој остана на 200 бода. 
Што се однесува до пласманот во конкуренцијата на конструкторите, Мерцедес остана прв, по него следува Ферари, а трет е Ред Бул.
Наредниот шампионат во Формула 1 ќе стартува на 25-ти март следната година, со трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн.

Најнови вести