Корисничко име Лозинка Пријави се
18.4.2017

Реднап е новиот менаџер на Бирмингам

Управата на Бирмингам го именуваше Хари Реднап за нов менаџер, по заминувањето на Џанфранко Ѕола.

Управата на Бирмингам во соопштение наведе дека верува дека екипата со Реднап ќе оствари добри резултати.
„Искусниот Реднап се согласи да го замени Џанфранко Ѕола, кој вчера поднесе оставка. Реднап имаше успеси како менаџер на: Борнмут, Вест хем, Портсмут, Тотенхем и Квинс парк ренџерс. Покрај многуте остварувања, тој успешно ги предводеше Портсмут и Квинс парк до пласман во Премиер лигата и со Портсмут го освои ФА купот. Кога го предводеше Тотенхем, ја доби наградата за најдобар менаџер во Премиер лигата, а со тој клуб се пласира и во Лигата на шампионите“, се наведува во соопштението на Бирмингам, а пренесува Би-би-си.
Реднап (70) е без клуб откако во 2015 година го напушти Квинс парк, а минатата година ја предводеше репрезентацијата на Јордан само на два натпревари.
Ѕола вчера поднесе оставка по поразот од Бартон само по четири месеци во англискиот второлигаш, а на 24 натпревари на клупата оствари две победи.
На три кола пред крајот на сезоната, Бирмингам се наоѓа на 20-тото место на табелата на Шампионат лигата со 47 освоени бодови, три повеќе од Блекбурн, кој е прв во зоната на испаѓање.

Најнови вести