Корисничко име Лозинка Пријави се
03.2.2017

Камерун ја победи Гана и се пласира во финалето на КАН

Фудбалерите на Камерун се пласираа во финалето на Купот на африканските нации во Габон откако синоќа ја победија Гана со 2-0.

Камерун во финалето ќе игра против Египет, додека Гана ќе се бори за третото место со Буркина Фасо.
Двата гола беа постигнати во завршницата на натпреварот. Во првото полувреме не се случуваше ништо важно, а Камерун поведе од првата вистинска шанса на натпреварот. Топката по еден слободен удар влезе во шеснаесетникот, но Џон Бој од Гана лошо реагираше и само ја испрати топката на левата страна, каде што се најде Мишел Нгадо-Нгажуи, кој ја смири, ја смени ногата и речиси од мртов агол од блиску ја испрати под пречката.
Гана потоа тргна во напад и почна да врши притисок врз голот на Камерун, што на крајот ја чинеше уште еден гол. Венсан Абубакар во една контра испрати долга топка кон Кристијан Басогог, кој ја прими, влезе во шеснаесетникот и го совлада голманот за конечни 2-0.
Гана со овој пораз останува да чека на трофејот кој последен пат го освои пред 34 години. Камерун последен пат беше шампион во 2002 година.
Натпреварот за третото место меѓу Буркина Фасо и Гана се игра утре, додека финалето во недела.

Најнови вести