Корисничко име Лозинка Пријави се
26.7.2016

Алардајс: Клупата на Англија е предизвик на кариерата

Новиот селектор на фудбалската репрезентација на Англија Сем Алардајс изјави дека оваа работа ќе му биде најголемиот предизвик во кариерата.

Алардајс на својата прва конференција за новинарите како селектор изјави дека „управувањето со луѓе“ е неговата најдобра особина.
„Ова ќе ми биде најголемиот предизвик во долгата кариера и се надевам дека ќе бидам успешен како и до сега“, изјави Алардајс за новинарите во националниот фудбалски центар на Англија, „Сент Џорџ парк“.
Алардајс минатата сезона му помогна на Сандерленд да остане во Премиер лигата, а на клупата на Англија го замени Рој Хоџсон, по разочарувачкото Европско првенство. Негов помошник ќе биде Семи Ли, кој му беше асистент во Болтон.
„Порано исто така тренирав играчи од светска класа: Фернандо Јеро, Јури Џоркаеф, Џеј Џеј Окоча, Гари Спид, Николас Ањелка и Мајкл Овен. Тренирав и некои талентирани играчи. Кај нив добра работа е што можат да ви го олеснат животот, знаат што сакате. Многу сум возбуден што ќе работам со англиската елита бидејќи тие многу брзо ги примаат вашите идеи“, изјави Алардајс.
Сем Алардајс е ценет во Англија, иако нема освоено ниту еден голем трофеј.
„Во смисла на освојувањето на трофеите, за жал, никогаш не дојдов до врвот во Премиер лигата. Спасував големи клубови и никогаш не испаднав од лигата. Не е тоа исто како освојување на ФА Купот или Лига купот, но навистина е големо достигнување“, изјави Алардајс.
Тој изјави дека не знае како неговиот тим ќе игра, бидејќи тоа зависи од играчите кој во тој момент се на располагање.
„Мислам дека зближувањето во тимот е исклучително битно, како и обидите да се створи тој тимски дух и притоа да се забавувате. Уживав во својот живот и во фудбалот. Оваа работа е врвот и сакам во него да уживам најмногу“, изјави Алардајс.

Најнови вести