Корисничко име Лозинка Пријави се
26.10.2011

Пенев нов селектор на Бугарија

Љубослав Пенев ќе биде именуван за нов селектор на Бугарија откако во понеделникот ја напушти клупата на бугарскиот шампион Литекс од Ловеч.

„Не сум веќе тренер на Литекс. Кон крајот на оваа седмица имам преговори со претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бугарија Борислав Михајлов“, рече Пенев по победата на Литекс над Лудогорец со 2-1.
Местото селектор на Бугарија испразнето е од минатиот месец, кога Германецот Лотар Матеус доби отказ. Матеус пред повеќе од една година стана првиот странец на клупата на бугарскиот национален тим од 1966 година, но немаше многу успех во квалификациите за Европското првенство во 2012 година.
Бугарија дури на четири натпревари на свој терен не постигна ниту еден гол, а натпреварувањето во групата Г го заврши само со пет бодови од осум меча.
На местото тренер на Литекс, по оставката на Пенев, дојде Атанас Џамбаски, кој претходно ги тренираше Славија од Софија, Монтана и Ботев.
„Сè е јасно, Џамбаски е нов тренер на Литекс, додека Љубо Пенев е новиот на националниот тим“, рече Гришо Ганчев, првиот човек на Литекс.
Пенев се смета за еден од најдобрите тренери на Бугарија, а како играч имаше неверојатни бројки во Примера лигата, каде постигна 150 голови играјќи за Валенсија, Атлетико Мадрид, Компостела и Селта.

Најнови вести