Корисничко име Лозинка Пријави се
24.8.2018

„Жоро вратарот“ на 42 години ќе брани за Бугарија

Голманот на Славија Софија вели дека ако добие повик за настап во репрезентацијата, нема да одбие

Нема стари и млади, туку само добри и лоши голмани. Ова е размислувањето на бугарскиот селектор Петар Хубчев, кој смета дека во моментов најдобро решение за чувар на мрежата на националниот тим може да биде 42-годишниот Георги Петков, кој брани во одлична форма во дресот на Славија Софија. 

Во бугарските медиуми најпрвин објавија дека култниот „Жоро вратарот“ не сака да брани за Бугарија бидејќи смета дека репрезентативната кариера му е завршена одамна, но вистината е поинаква. 

„Не сум зборувал со Хубчев. Не сакам луѓето да си помислат дека сум имал неколку одлични партии и сега се правам важен. Да се одбие дресот на репрезентацијата, значи да побегнеш од одговорноста. Јас не сум таков човек. Спремен сум да ѝ помогнам на Бугарија ако има потреба од мене. Одлуката е на Хубчев. Ако ме викне, ќе бранам, но нема сам да му се нудам по секоја цена“, изјави Петков, кој од 2005 до 2009 бранеше за Бугарија, тоа е периодот кога го чуваше голот на Левски со којшто влезе и во групната фаза од Лигата на шампионите. 

На последните мечеви, голот на бугарската селекција го бранеше Пламен Илиев од романска Астра, но Хубчев за мечевите од Лигата на нациите сака да ја зголеми конкуренцијата со Петков, кој брани како во најдобрите години.