Корисничко име Лозинка Пријави се
15.8.2018

Меч на денот: Реал со трофеј сака да ја почне „ерата по Роналдо“

Кралскиот клуб и без Кристијано во тимот е фаворит против градскиот ривал

Мадрид вечерва ќе слави уште еден европски трофеј. Прашањето е дали тоа ќе бидат навивачите на Реал или на Атлетико? Градските ривали ќе се сретнат во борба за трофејот во Суперкупот на Европа. Мечот се игра на неутрален терен во Талин.
Реал доаѓа како актуелен европски владетел, додека Атлетико е освојувач на пехарот во Лигата на Европа. 

ГИ НЕМА КРИСТИЈАНО И ЗИДАН, МОДРИЌ Е НЕИЗВЕСЕН
Летово се случија две промени во Реал, но тие може да бидат клучни за да заврши нивната победничка низа. На теренот ќе го нема предводникот Кртистијано Роналдо, а од клупата си замина и тренерот Зинедин Зидан. Португалскиот виртуоз реши да побара нов предизвик во Јувентус, а популарниот Зизу си замина поради недоразбирање со челниците на клубот. 
На клупата седна Хулен Лопетеги, кој треба да докаже дека Реал е силен и способен за освојување трофеи и без Роналдо. Проблем за новиот тренер е подготвеноста на Лука Модриќ. Хрватскиот репрезентативец, кој минатиот месец беше прогласен за најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија, во претсезонскиот период за Реал има одиграно само 15 минути. Затоа дилемата е дали Модриќ или Асенсио ќе биде во стартните 11 за Реал.
Улогата на Роналдо, односно предводник на тимот, му е доделена на Герет Бејл. Велшанецот игра одлично и конечно го доби тоа што го сакаше, повеќе слобода на теренот. Сега му е вистинска шанса да се докаже. Други проблеми со повредени или суспендирани играч нема во таборот на Реал. 

АТЛЕТИКО СО СТАНДАРДНАТА ЦВРСТА ОДБРАНА 
„Јорганџиите“ беа активни во летниот преоден рок и во своите редови ги доведоа Томас Лемар, Желсон, Мартинс, Родри и Калиниќ. Во стартниот тим вечерва се очекува да има место за неколку од новите играчи, што може да претставува проблем, кога се работи за воиграноста. 
Борбеноста и мотото дека ниту една топка не е загубена е главниот џокер за Атлетико. Дефанзивата предводена од голманот Облак и искусниот Годин треба да ја заврши својата работа, а напаѓачите од калибарот на Коста, Гриезман и новодојдениот Калиниќ ќе се обидат да донесат радост за нивните фанови. 

РЕАЛ ЌЕ ГИ БРКА БАРСЕЛОНА И МИЛАН
Реал Мадрид ќе има уште еден мотив повеќе за да победи. Со евентуален успех, Кралскиот клуб ќе се израмни со Милан и Барселона, кои се рекордери со по пет трофеи во Суперкупот на Европа. 
Интересно е тоа што Реал во последните четири години, три пати беше освојувач на овој престижен трофеј. Минатата година тоа го направи на Арената „Филип Втори“ во Скопје, кога со 2-1 славеше против Манчестер јунајтед. 

НИЈАНСИ МОЖЕ ДА ОДЛУЧАТ
Ова ќе биде меч на две екипи кои многу добро се познаваат, но Реал е благ фаворит. За победа на Кралскиот клуб коефициентот е 2.45, додека ремито се „наплаќа“ со коефициент 3.15. За победа на Атлетико коефициентот е 3.00. Во еден ваков меч, веројатноста за многу голови е помала, па затоа за 0-2 гола коефициентот е 1.78, додека 3+ „вреди“ 2.00 коефициент. 
На последните 10 меѓусебни меча Реал  победил три пати, Атлетико се радувал на две средби, а пет дуели завршиле нерешено. 

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ

*   Ова ќе биде вкупно 220-ти меч на градските ривали во историјата. Во досегашните мечеви, Реал е поуспешен и има 109 победи, 55 средби завршиле нерешено, а Атлетико се радувал 55 пати. Вкупната гол-разлика е 365:276 во корист на Реал. 
*   Највисоката победа кога играле овие два тима е 5-0. Атлетико со овој резултат се радувал во сезоната 1947/48, додека Реал со 5-0 победувал два пати, и тоа во сезоните 1958/59 и 1983/84. 
*   Шпанија ќе го добие 15-тиот трофеј во Суперкупот на Европа, со што само ќе се зацврсти на врвот на листата. Следи Италија со девет вакви трофеи и Англија со седум. 
*   Ривалитет кој трае точно 90 години. Првиот меч е во февруари 1928 година, во Купот на Шпанија, а Реал победил со 1-0. 
*   Кристијано Роналдо со 22 погодоци е најефикасниот играч во овие градски средби. Атлетико може да здивне од Роналдо, бидејќи тој веќе не е дел од Реал Мадрид. 
*   Атлетико два пати играл во Суперкупот на Европа и два пати се радувал. Тоа се случи во 2010 и во 2012 година. 
Реал ќе се обиде да стане првиот тим кој три пати во низа се радувал на овој пехар. 

МОЖНИ СОСТАВИ
Реал М.: Навас, Карвахал, Рамос, Варан, Марсело, Каземиро, Крос, Асенсио (Модриќ), Бејл, Иско, Бензема.
Атлетико М.: Облак, Хуанфран, Годин, Савиќ (Хименез), Луис, Коке, Саул, Родри, Лемар, Коста, Гриезман.

 

Најнови вести