12.1.2013 Нанси остана без тренер
Последнопласираниот тим во францускиот шампионат, Нанси, остана без тренер откако Жан Фернандес ја напушти клупата по 18 месеци.
Веста за заминувањето на педесет и осумгодишниот стручњак ја потврди клубот на својата интернет страница, а привремен тренер за денешниот дуел против Лил ќе биде директорот на младинскиот погон на клубот, Патрик Габриел.
Фернандес кој е поранешен тренер на Марсеј, во Нанси дојде во јуни 2011 од Оксер кој го донесе до Лигата на шампионите во сезоната 2010/11 и покрај скромните финансиски средства, по што го доби и признанието за најдобар тренер во Франција.
Сезонава Нанси на 19 натпревари во Лига 1 оствари само една победа, во првото коло, а во моментов со само 11 бодови е на последното место на табелата со осум бодови помалку од зоната за опстанок.
Клубот исто така е во сериозни финансиски проблеми па најави дека ќе отпушти фудбалери за да ги намали трошоците. Јоан Мола веќе замина во Сент Етјен како позајмен фудбалер, а со бразилскиот одбранбен фудбалер и капитен Андре Луис е раскинат договорот.