Корисничко име Лозинка Пријави се
12.8.2018

„Кралицата на дискот“ кажа зошто навива за српските спортисти

Хрватката стана првата атлетичарка со пет европски злата по ред, а жали што Србинката Шпановиќ се повреди и остана без најсјајниот медал

Сандра Перковиќ ја освои својата петта европска титула по ред во фрлање диск, и стана првата жена која триумфирала на пет европски првенства едноподруго. Таа испиша историја, надмина многу легенди на европската атлетика од типот на Хајке Дрекслер која четири пати по ред победуваше во скок во далечина. 
Перковиќ во интервју за српски медиум, рече дека не гледа причина зошто да не навива за српските спортисти и зошто Србите да не навиваат за Хрватите. 
„Кога ќе кажам некој виц од дома, Американец ме гледа бледо, а некој од нашите простори ќе се насмее и ќе ми каже дека и мајка му прави истотака. Сме израснале во иста средина, нè мачеле исто проблеми, имаме исти навики. Не сме иста земја, јас настапувам за Хрватска, Ивана Шпановиќ за Србија, но 100 пати подобро се разбирам со неа, отколку со некоја Англичанка“ – изјави Перковиќ која жали што Шпановиќ не можеше да настапи во финалето во скок во далечина. 
Таа смета дека не треба да се прави сензација кога некој спортист како Новак Ѓоковиќ ќе каже дека навива за Хрватите или Хрватите дека го поддржуваат Ноле.  
„Спортот не познава граници. Затоа е нормално да навиваме за Ноле, а тој за фудбалската репрезентација на Хрватска, ние за вашата Ивана, или да навиваме и ние и вие за ватерполо репрезентациите на соседот. Сите сме од крв и месо, доаѓаме од сиромашни земји и затоа треба да се држиме заедно и затоа сме помотивирани од побогатите“ – додава Перковиќ.