Корисничко име Лозинка Пријави се
21.11.2017

Сагата продолжува – Тавекио на крајот се повлече

Карло Тавекио, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија, одлучи да се повлече од функцијата по неуспехот на „аѕурите“ во квалификациите за Светското првенство во Русија, изјави за медиумите Дамијано Томази, претседателот на Унијата на играчите.

Со денови се шпекулира околу тоа кој ќе го наследи Џампјеро Вентура, кој е сменет од селекторската функција на националниот тим на Италија откако не успеа да ја одведе екипата на Светското првенство во Русија.
Еден од најактивните во медиумите во приказната на таа тема беше претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија, кој зборуваше за потенцијалните кандидати, но излезе дека Тавекио нема да биде тој кој ќе ја донесе одлуката и ќе избере некој од неговите кандидати бидејќи се повлече од функцијата.
„Им се извинувам на Италија и на сите Италијанци поради тоа што не успеавме, време е за нова ера“, изјави Тавекио и додаде дека е свесен дека тоа не е вообичаен начин на напуштање на функцијата.
Дамијано Томази, претседателот на Унијата на играчите, е првиот кој на медиумите им ја соопшти одлуката на Тавекио изјавувајќи дека тоа повеќе бил монолог на 74-годишниот претседател отколку конструктивен разговор.
„Тој го изнесе неговото мислење и не го интересира што мислиме ние и што сакаме да кажеме. Ќе поминат месеци, ако не и децении додека нашиот фудбал не се врати на вистинскиот пат, а јас не сум некој кој може да каже кој би бил добар наследник и добар претседател на Сојузот. Останувам на своите работи, претставување на играчите и борба за нивните права“, изјави Томази.
Сите најавија дека новиот селектор ќе биде именуван наредната седмица, но изгледа дека прво ќе мора да се одреди кој ќе го именува новиот селектор на „аѕурите“.