21.12.2016 Го продолжи договорот, па доби отказ по 54 дена
Германскиот тренер Андре Шуберт ја напушти клупата на Борусија од Менхенгладбах само по една победа во последните 11 натпревари.
Шуберт е отпуштен по поразот од 2-1 од Волфсбург во Бундеслигата, иако на крајот на септември потпиша нов тригодишен договор.
Тој во Борусија работеше малку повеќе од една година и во краток период успеа да ја воведе екипата во Лигата на шампионите, во која заврши во групната фаза на третото место, зад Барселона и зад Манчестер сити, а пред Селтик, па европската приказна ќе ја продолжи во Лигата на Европа.
„Во последните неколку дена многу разговаравме и ја анализиравме состојбата. Донесовме заеднички заклучок дека најдобро е да ја прекинеме соработката со тренерот“, изјави спортскиот директор Марк Еберт за клупската интернет-страница.
Шуберт претходно ги водеше: Падерборн, Сент Паули, пионерската репрезентација на Германија и вториот тим на Борусија од Менхенгладбах.