Корисничко име Лозинка Пријави се
21.5.2015

Атланта поразена од Кливленд, Антиќ без поени

Минатата ноќ почна финалето на Истокот, а Атланта хокс на домашен терен беше поразена со 1-0 од Кливленд кавалирс.

Тимот на Кливленд триумфираше со резултат 97-89 над кошаркарите на Атланта. Јунак на натпреварот кај гостите беше Џеј-Ар Смит, кој постигна осум тројки за нов плејоф-рекорд на Кливленд и по 14-ти пат во кариерата успеа на еден натпревар да постигне најмалку осум тројки. На крајот тој имаше 28 поени и осум скокови.
Но, најефикасен играч во екипата на Кливленд беше Леброн Џејмс, кој имаше 32 поени, осум скокови и шест асистенции. Тристан Томпсон постигна 14 поени и десет скокови.
Кај „јастребите“ најефикасен беше Џеф Тиг со 27 поени, Ал Хорфорд постигна 16, а Пол Милсеп имаше 13 поени.
Перо Антиќ немаше голема минутажа на натпреварот и во десетте минути што ги помина на паркетот, не постигна ниту еден поен. Имаше три скокови, а погодениот кош во финишот на третата четвртина задоцни за една стотинка и не беше признат.
Вториот натпревар од финалето на Истокот се игра во сабота наутро, повторно во Атланта, и „јастребите“ ќе мора да се изборат за победа доколку не сакаат да отпатуваат на двете гостувања во Кливленд со минус два.

Најнови вести