Корисничко име Лозинка Пријави се
04.6.2018

Вориорс со 2-0 во Охајо, Кари го сруши рекордот на Реј Ален!

Кошаркарите на Голден стејт вориорс го победија Кливленд Кавалирс со резултат 122:103 во вториот натпревар од финалната серија на НБА-лигата.

Вориорс до резултатот 2-0 во серијата дојдоа многу полесно отколку во првиот натпревар, којшто го добија дури по продолженијата (124:114), па пред патувањето во Охајо, можат да бидат задоволни што на ривалите од Кливленд не им дозволија брејк.
Во редовите на тимот од Оукленд не беше Андре Игудала поради повреда, но и покрај тоа,  шампионите на НБА-лигата од почетокот до крајот на натпреварот имаа предност во резултатот, до која доаѓаа со одличната игра во нападот.
Кавалирс во неколку наврати, особено во третата четвртина, успеваа да го намалат заостанувањето, но расположените Вориорс токму во тие моменти се засилуваа и на крајот убедливо славеа.
Најефикасен во победничката екипа беше Стефан Кари со 33 поени, 9-17 за три, седум скокови и осум асистенции. Одличниот играч на Голден стејт по мирната трета четвртина, се разигра во последниот дел, посебно во ударите за три, па го собори и рекордот на Реј Ален со девет тројки на еден натпревар од финалната серија на НБА-лигата. Ален остана на осум.
Кари во победата на Вориорс го следеше Кевин Дурант со 26 поени, девет скокови и седум асистенции, Клеј Томпсон додаде 20 поени, Џавал Мекги 12, а Шон Ливингстон десет.
Иако Леброн Џејмс делуваше уморно, со 29 поени, 13 асистенции и девет скокови беше најдобриот во тимот на Кавалирс, па го престигна Карим Абдул Џабар на вечната листа на поентери во финалињата на НБА. Прв е Џери Вест со 1.679 поени, Леброн е втор со 1.327, а Џабар трет со 1.317.
Кевин Лав за Кливленд постигна 22 поени и десет скока, Џорџ Хил додаде 15, а Тристан Томпсон 11 поени.
Наредниот натпревар од финалната серија се игра во Кливленд, ноќта меѓу среда и четврток, од три часот по средноевропско време.

 

Најнови вести