Корисничко име Лозинка Пријави се
08.9.2014

Хамилтон ја освои легендарната „Монца“

Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, триумфираше на Големата награда на Италија, на 13-тата трка на овогодишниот шампионат на Формула 1.

Хамилтон до втората победа во кариерата на легендарната „Монца“, а вкупно 28-ма, дојде за време од 1:19:10.236 часа.
Второто место, со заостанување од три секунди, го зазеде Нико Розберг во вториот Мерцедес, додека на третото скалило од победничкиот пиедестал се најде возачот на Вилијамс, Фелипе Маса.
На Големата награда на Италија немаше големи возбудувања на самото чело, а не дојде до вистинска борба меѓу двајцата од Мерцедес поради грешка на Розберг. Хамилтон поради проблеми со болидот, лошо стартуваше, но брзо го пронајде вистинскиот ритам, го стигна тимскиот колега, а кога доволно му пријде за да тргне во напад, Розберг направи грешка.
По одличниот старт, Маса беше најблиску до Розберг, но откако го престигна Хамилтон, успеа да се задржи на третата позиција и имаше речиси мирна трка. Зад сето тоа се водеше голема борба, а подобар од останатите беше вториот возач на Вилијамс, Валтери Ботас, пред двајцата од Ред Бул, Даниел Рикијардо и Себастијан Фетел. Освојувачките бодови ги комплетираа: возачот на Форс Индија Серхио Перез, Џенсон Батон во Мекларен, Кими Раиконен од Ферари и Кевин Магнусен во вториот Мекларен, кој низ целта помина како седмопласиран, но поради казната е преместен на десеттото место.
По 13-тата трка, во генералниот пласман Розберг има 22 бодови повеќе од Хамилтон, а шампионатот продолжува на 21-ви септември со Големата награда на Сингапур.

Резултати од трката за Големата награда на Италија:
1. Луис Хамилтон (Велика Британија) Мерцедес 1:19:10.236
2. Нико Розберг (Германија) Мерцедес +3.175
3. Фелипе Маса (Брасил) Вилијамс +25.026
4. Валтери Ботас (Финска) Вилијамс +40.786
5. Даниел Рикијардо (Австралија) Ред Бул +50.309
6. Себастијан Фетел (Германија) Ред Бул +59. 965

Генерален пласман на возачите:
1. Нико Розберг 238
2. Луис Хамилтон 216
3. Даниел Рикијардо 166
4. Валтери Ботас 122
5. Фернандо Алонсо 121
6. Себастијан Фетел 106

Генерален пласман на конструкторите:
1. Мерцедес 454
2. Ред Бул 272
3. Вилијамс 177
4. Ферари 162
5. Мекларен 110
6. Форс Индија 109


Најнови вести