Корисничко име Лозинка Пријави се
28.6.2014

Снајдер: Зошто не би можеле да станеме светски шампиони?

Репрезентативецот на Холандија, Весли Снајдер, изјави дека неговата репрезентација има голема шанса годинава да го освои Светското првенство.

„Атмосферата секогаш е фантастична кога се победува. Бевме во многу тешка група и многумина мислеа дека немаме многу шанси, но отсекогаш верувавме во себеси и почнавме да играме поразлично“, изјави Снајдер.
„Од таа самодоверба пораснавме уште повеќе. Кога во група со Шпанија, Австралија и Чиле ќе завршите на прво место со десет постигнати голови, значи дека сте завршиле фантастична работа. На секој турнир треба да се игра со амбиција да се освои. На секој наш натпревар можете да ја видите страста со која играме, а тоа е комплимент за секој тим“, додаде Снајдер.
Холандија на првиот натпревар ја декласираше Шпанија и така се одмазди за поразот во финалето во Јужна Африка пред четири години.
„Пред четири години натпреварувањето беше исто така тешко, но сè одеше како што треба. Сепак, во финалето загубивме, а тоа е еден од најтешките моменти во мојата кариера. Но, добрата страна на фудбалот е тоа што секогаш добивата нова шанса да се борите и одмаздите, и таа дојде, по четири години. Зошто да не го освоиме првенството оваа година? Мислам дека имаме добар тим и добра атмосфера, па одиме на трофејот“, изјави Снајдер.
Снајдер нагласи дека патот до титулата е долг и дека Мексико има добар тим.
„Но, долг е патот до пехарот иако нè делат само четири натпревари. Секогаш гледаме само кон следниот противник, а Мексико е многу добра репрезентација. Мораме да бидеме концентрирани и фокусирани на натпреварот, а ќе видиме што ќе биде понатаму“, заврши Снајдер.


Најнови вести