Корисничко име Лозинка Пријави се
11.3.2014

Сидорф: Сè е сè уште отворено

Кларенс Сидорф, тренерот на Милан, смета дека неговиот тим може да слави на денешниот натпревар против Атлетико во Мадрид и да избори пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

И покрај доминацијата на првата средба пред три седмици дома, седумкратниот европски шампион беше поразен со резултат 1-0, а реди неуспеси и во домашното првенство, каде што заостанува со неверојатни 37 бодови зад лидерот Јувентус.
Но, Сидорф, кој на клупата на „росонерите“ во јануари го замени Масимилијано Алегри, е уверен дека неговиот тим во реваншот може да избори пласман меѓу осумте најдобри и така да ја спаси сезоната.
„Не верувам дека резултатот од првиот натпревар може премногу да го услови пристапот на двете екипи. Тие имаат минимална предност и сè е сè уште отворено. Вистината е дека Милан е клуб кој ја кроеше историјата на европскиот фудбал и играчите не смеат да го заборават тоа“, изјави Сидорф за шпанските и италијанските медиуми.
Тој додаде дека „росонерите“, и покрај тешката сезона, секогаш се радуваат на важните натпревари и ги чекаат со возбуда.
„Планираме да играме слично како во првиот натпревар. Ќе бидеме агресивни и ќе се обидеме брзо да постигнеме гол и да ја достигнеме предноста на Атлетико. Мораме да се бориме, да бидеме единствени и да го покажеме своето срце пред сите технички и тактички аспекти на играта“, додаде Сидорф.
Реванш-натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите меѓу Атлетико Мадрид и Милан се игра вечерва на „Висенте Калдерон“ од 20.45 часот.

Најнови вести