Корисничко име Лозинка Пријави се
17.12.2012

Поради местење натпревари шест месеци суспензија за играчи на Наполи

Дисциплинската комисија на Фудбалскиот сојуз на Италија одлучи драстично да го казни Наполи, како и неговите играчи коишто учествуваа во местење резултати.

Клубот од Неапол синоќа остана без три бодови по шокантниот пораз од Болоња, а наскоро ќе остане уште без два бода и без двајца одбранбени играчи.
Дисциплинската комисија на Фудбалскиот сојуз на Италија одлучи да го казни Наполи со одземање два бода, а неговите искусни одбранбени играчи Паоло Канаваро и Џанлука Грава со шест месеци суспензија поради учество во местење резултати во сезоната 2009/10. Поконкретно, станува збор за натпреварот против Сампдорија.
Тие се казнети по сведочењето на Матео Џанело, некогашниот резервен голман на Наполи, кој на истражните органи им призна дека имало местење, ги откри сите детали и начини на коишто се правело тоа, како и учесниците. Голманот направи спогодба со полицијата да каже сè што знае за местењето во замена за суспензијата од три години и три месеци.
Канаваро е капитен и столб на одбраната на Наполи, додека Грава е ветеран кој за клубот игра осум години.

Најнови вести