Корисничко име Лозинка Пријави се
27.8.2018

Серхио Рамос дава барем по еден гол веќе 15 сезони по ред

Капитенот на Реал е вистинска легенда на шпанскиот фудбал

Серхио Рамос по којзнае кој пат потврди дека е вистински капитен на Реал Мадрид. На синоќешното гостување кај Хирона, Кралскиот клуб губеше со 1-0, кога беше досуден пенал за мадриѓаните. По заминувањето на Кристијано Роналдо од клубот, одговорноста да ги изведува пеналите ја презеде токму Рамос. 
Капитенот во стил на голем стрелец со „паненка“ успеа да погоди и да израмни на 1-1. Тоа беше само најава на целосниот пресврт на гостите и убедливата победа од 4-1 на крајот за Реал. Со овој погодок, Рамос стигна до неверојатна бројка. Веќе 15 сезони по ред, тој дава барем по еден гол во Примера дивисион. 
Дефанзивецот започна во тимот на Севилја во сезоната 2003/04, кога одигра само седум меча и не даде гол. Од следната сезона, па сè досега, Рамос нема пропуштено сезона, а да не ја затресе противничката мрежа. Вкупно во 432 меча во Примера тој има дадено 56 погодоци. 
Само двајца играчи имаат подолга низа на сезони во кои давале голови. Аугустин Гаинса е рекордер со погодоци во 19 сезони по ред, и тоа во дресот на Атлетик Билбао, додека Карлос Алонсо Гонсалес познат како Сантилјана погодувал во 17 сезони по ред за Реал Мадрид. 
Рамос најдобрата голгетерска низа ја имаше во сезона 2016/17, кога постигна седум погодоци, а само во две сезони застанувал на бројката од два гола во сезона. Од 2004 година до сега Рамос иако е дефанзивец, не престанува да погодува, а тоа го потврди и синоќа на мечот против Хирона. 

 

Најнови вести