Корисничко име Лозинка Пријави се
21.9.2017

Загреб: Претепан тренерот на Динамо, завршил во болница

Марио Цвитановиќ, тренерот на Динамо од Загреб, бил повреден во нападот од страна на двајца маскирани напаѓачи, соопштија клубот и загрепската полиција.

Како што пренесе „Хина“, Цвитановиќ бил нападнат со палки пред станот непосредно по враќањето на екипата од натпреварот во Купот на Хрватска во Имбриовец.
Тренерот на Динамо по нападот повикал полиција и побарал лекарска помош.
„ГНК Динамо, згрозен и засрамен од овој чин, најостро го осудува физичкиот напад врз тренерот Цвитановиќ, кој многу лесно можеше да заврши со трагичните последици. Тоа е само продолжение на она што се случува во последно време, кога целосно е легализирано насилството кон луѓето од нашиот клуб. Почнувајќи од нападот врз клупскиот советник Здравко Мамиќ на Брач, а потоа вооружениот напад и обид за убиство во Томиславград, па сè до вчерашниот физички напад врз тренерот Цвитановиќ ", соопшти Динамо.
Клубот од Загреб апелираше до институциите на Хрватска да се разбудат и да престанат да игнорираат сè што се случува околу Динамо и да не ги игнорираат нападите врз граѓаните.
„Па зарем сите ќе чекаме да се случи нешто трагично за системот конечно да реагира? Не сакаме да живееме во земја во којашто институциите се плашат дури и да ги осудат злосторствата. Ние не забележавме некој од релевантните фактори и институциите да реагира по нападот и по обидот за убиство на Здравко Мамиќ, што очигледно ги мотивирало сторителите на овој кукавички напад врз господинот Цвитановиќ ", пишува во соопштението.
Од Полициската управа го потврдиле нападот врз Цвитановиќ и навеле дека истрагата е во тек.

Најнови вести