Корисничко име Лозинка Пријави се
06.6.2018

Поради извлекување пари од Динамо Загреб, Здравко Мамиќ шест и пол години во затвор, на затворска казна се осудени и останатите

Здравко Мамиќ, поранешниот челник на Динамо од Загреб, во судот во Осиек доби неправосилна пресуда од шест и пол години затвор поради извлекување пари од тој фудбалски клуб.

Мамиќ не беше присутен на изрекувањето на казната бидејќи вчера, кога таа беше изречена, отишол во соседната Босна и Херцеговина, во Меѓугорје. На изрекувањето на пресудата не биле ниту останатите обвинети во тој случај, кои исто така се осудени на затворска казна.
Братот на Здравко Мамиќ, поранешниот тренер на Динамо Зоран Мамиќ, е осуден на четири години и 11 месеци, Дамир Врбановиќ, поранешниот директор на Динамо и сегашен извршен директор на Хрватскиот фудбалски сојуз, на три години, а даночникот Милан Пернар на четири години и два месеца затвор.
Ако пресудата стане правосилна, сите осудени ќе мора да ја вратат имотната корист што не им припаѓа. Според хрватскиот закон, лицата осудени на казна поголема од пет години мора да одат во затвор додека пресудата не стане правосилна.
Канцеларијата за борба против корупцијата и организираниот криминал ги обвинува дека извлекувале пари при трансферот на играчите, затајувале данок и за други незаконитости со кои го оштетиле загрепскиот клуб за околу 116 милиони куни (15,5 милиони евра), а државниот буџет за 1,6 милиони евра.
Меѓу спорните трансфери се и трансферите на Лука Модриќ, капитенот на хрватската фудбалска репрезентација и играч на Реал Мадрид, и на Дејан Ловрен, играчот на Ливерпул, во странските клубови.
Обвинителството смета дека двајцата играчи при заминувањето од Динамо во Тотенхем, односно во Олимпик Лион, немале право на 50 отсто од оштетата, туку дека на тој начин Мамиќ извлекувал пари од Динамо.
Двајцата сведочеа на судењето на Мамиќ во негова корист. Поради промената на дел од исказите дадени во текот на истрагата во корист на Здравко Мамиќ, обвинителството покрена истрага против двајцата фудбалери, а во меѓувреме против Модриќ покрена обвинение и за давање лажен исказ на судењето на Мамиќ.
Судењето на најмоќниот човек на хрватскиот фудбал и на останатите почна на крајот на април 2017 година во осиечкиот Жупански суд, а сите обвинети ги отфрлија обвиненијата. Во Осиек им се суди поради поврзаноста на Мамиќ со повеќе судии во Загреб.

Најнови вести