Корисничко име Лозинка Пријави се
25.8.2016

Динамо со пресврт до Лигата на шампионите, и Ростов во елитата!

Фудбалерите на Манчестер сити, Менхенгладбах, Копенхаген, Ростов и Динамо од Загреб го комплетираа составот на Лигата на шампионите за следната сезона.

Сити уште во првиот натпревар ја заврши работата со Стеауа по победата од 5-0 во Букурешт, но славеше и во реваншот, со минимален резултат на „Етихад“. Единствен стрелец беше Фабијан Делф.
Импресивна беше и Борусија, која по 3-1 во Берн, убедливо го совлада Јанг бојс и во Менхенгладбах со 6-1, по хет-трикот на Бразилецот Рафаел де Араужо и Белгиецот Торган Азар.
Во едно од дербијата на вечерта, Салцбург три минути го делеа од елитата. Водеше со погодокот на Лазаро од 22-рата минута против Динамо и поради 1-1 во Загреб имаше резултат за пласман, но во 87-мата минута Жуниор Фернандес на фудбалерите од Загреб им донесе продолжение за Австрија.
Тој целосно ја уништи самодовербата на домаќинот, што хрватскиот шампион брзо го искористи и со голот на Судани по контра во 95-тата минута направи пресврт на резултатот. На Салцбург му беа потребни два гола за Лигата на шампионите, но не постигна ниту еден.
Место меѓу најдобрите клубови во Европа неочекувано избори и рускиот Ростов, кој го елиминира четирикратниот шампион на Стариот континент Ајакс. По 1-1 во Амстердам, Русите славеја со убедливи 4-1 на свој терен, за историски пласман меѓу кремот на европскиот фудбал.
Драматично беше на Кипар, Копенхаген до 69-тата минута му одолеваше на АПОЕЛ и го чуваше минималниот резултат од својот терен. Но, тогаш Сотириу му донесе водство на домаќинот. Изгледаше дека играта ќе се продолжи во Никозија, но на три минути пред крајот Сантандер ги стивна домашните навивачи и го однесе Копенхаген меѓу најдобрите клубови во Европа.
Во вторникот пласман за Лигата на шампионите изборија: Порто, Селтик, Легија, Монако и Лудогорец. Ждрепката за групната фаза од натпреварувањето ќе се одржи денес попладне во Монако, а првото коло на програмата е на 13-и и 14-ти септември.
Финалето на Лигата на шампионите за сезоната 2016/17 е на трети јуни, на стадионот „Милениум“ во Кардиф.

Лига на шампиони, реванши на плејофот:
АПОЕЛ – Копенхаген 1-1 (0-1)
Ростов – Ајакс 4-1 (1-1)
Манчестер сити – Стеауа 1-0 (5-0)
Менхенгладбах – Јанг бојс 6-1 (3-1)
Салцбург – Динамо Загреб 1-2 (1-1)

Најнови вести