Корисничко име Лозинка Пријави се
22.11.2016

Динамо без најдобриот играч против Лион

Фудбалерите на Динамо Загреб сè уште го чекаат првиот гол во Лигата на шампионите оваа сезона, а во петтото коло ќе го бараат без најдобриот напаѓач.

Алжирецот Ел Араби Хилел Судани поради повреда ќе го пропушти вечерашниот дуел со Олимпик Лион на „Максимир“.
Судани оваа сезона постигна осум голови за Динамо, два во Европа. „Сините“ се последни во групата Х од Лигата на шампионите со четири порази и со гол-разлика 0-12.
Во првиот дуел со Лион оваа сезона изгубија со 3-0, а сè уште го паметат дебаклот од Олимпик од пред пет години на „Максимир“ од 7-1.
„Нè очекува натпревар во кој влегуваме со поинаква психологија, мораме да бидеме дисциплинирани, мораме да ги исполниме сите задачи во играта и, што е најважно, на теренот мораме да изгледаме како тим. Сакаме да одиграме добар натпревар, сега тоа ни е најважно“, изјави Ивајло Петев, тренерот на Динамо.
Динамо во натпреварот влегува по киксот против Истра во домашното првенство, а крилниот играч Марио Шитум изјави дека ги анализирале грешките и дека се подготвени за ново докажување.
„Она што било, треба да го заборавиме и да се свртиме кон иднината, бидејќи во фудбалот постојано мора да се докажувате. Лион е многу квалитетна екипа, но и ние имаме што да кажеме, нема лесно да се предадеме. Имаме одредено искуство, голема желба и ќе настојуваме да покажеме дека не сме само гледачи во Лигата на шампионите“, изјави Шитум. 
Во другиот натпревар, Севилја го дочекува Јувентус. Андалузијците се лидери на групата со десет бода, потоа следува Јувентус со осум, Лион има четири, а Динамо е без бодови.

Најнови вести