Корисничко име Лозинка Пријави се
14.6.2017

Мамиќ ги отпушти адвокатите

Здравко Мамиќ, поранешниот челник на Динамо од Загреб, направил скандал на судењето кое се води против него во Осиек. Контроверзниот фудбалски работник во текот на судењето, на кое требало да сведочи и Дејан Ловрен, дефанзивниот играч на Ливерпул, прво викал, а на крајот им го откажал полномошното на неговите адвокати.

На почетокот на расправата, додека сведочел таткото на Дејан Ловрен, Мамиќ почнал да протестира поради начинот на кој обвинителот му ги поставувал прашањата на сведокот.
Судијата Дарко Крушлин го предупредил Мамиќ за неговото однесување, на што тој одговорил дека може да го казнува колку што сака. Судијата поради тоа го отстранил од судницата.
Мамиќ потоа почнал да им вика и на неговите адвокати Јадранка Соколовиќ и Чедо Продановиќ, а на крајот им го откажал и полномошното.
Можам како што сакам, мојата кожа е во прашање. Губете се, нема веќе да ме браните. Ви го откажувам полномошното“, се обратил Мамиќ кон неговите адвокати.
Потоа рочиштето било прекинато, а подоцна е соопштено дека тоа ќе продолжи на трети јули.
По излегувањето од судницата, Здравко Мамиќ на новинарите им изјавил дека му биле нарушени правата и дека не го предизвикал намерно инцидентот за да се одолговлечи процесот. Тој додал и дека е херој, а дека целиот процес против него е една голема фарса.
„Претпоставувам дека јас имам најголеми права бидејќи ми се суди, а ако тоа не ми го дозволиш на праведен начин, тогаш нормално е да се случува тоа што се случува, бидејќи јас не сум фраер без ј..ца. Кој има потреба да провери, може и тоа“, изјавил Мамиќ.
На Здравко Мамиќ и на неговиот брат Зоран им се суди поради сомнение дека затаиле данок при трансфер на играчи и притоа го оштетиле Динамо за околу 15,5 милиони евра, а буџетот на Хрватска за 1,6 милиони евра.
Вчера во судот во Осиек сведочел и Лука Модриќ, играчот на Реал Мадрид, а денес тоа требаше да го направи Дејан Ловрен, бидејќи нивните трансфер се предмет на процесот.
На предлог на Државното обвинителство на Хрватска, кој го прифатил Врховниот суд на Хрватска, обвинението е покренато пред судот во Осиек наместо во Загреб, каде што се водела истрагата, и тоа поради поврзаноста на Мамиќ со тројца загрепски судии.

Најнови вести