Корисничко име Лозинка Пријави се
17.4.2017

Навивачите на Бастија ги нападнаа играчите на Лион, натпреварот прекинат

Натпреварот од 33-тото коло на француското првенство меѓу Бастија и Лион на Корзика беше одложен за еден час бидејќи домашните навивачи во текот на загревањето ги нападнаа гостинските фудбалери. Откако беше одиграно првото полувреме, натпреварот дефинитивно беше прекинат од безбедносни причини.

Секогаш незгодниот терен на стадионот „Арман Сесари“ овој пат стана место на инцидентот во чиј центар се најде Мемфис Депај, неодамнешниот офанзивен играч на Манчестер јунајтед, а сега на Лион.
Инцидентот почна кога навивачите на Бастија ја фрлија топката кон Матје Горжелен, голманот на Лион, но назад на навивачите им ја врати Мемфис Депај, што предизвика реакција кај домашните навивачи, коишто влетаа на теренот.
Група навивачи втрчаа и се обидоа да се судрат со фудбалерите на Лион, но редарите некако успеаја да ги разделат. Гостите успеаја да стигнат до соблекувалната, а како што пренесуваат француските медиуми, во првиот момент одбивале да почне натпреварот.
Но, ситуацијата се смири, а натпреварот почна со задоцнување од речиси еден час.
Се играше само 45 минути во Бастија без голови, но и потоа имаше нови проблеми. Лице вработено во управата на Бастија се судри со Антони Лопес, голманот на Лион, а потоа и еден од редарите го нападна дефанзивниот играч на гостите Муктар Дијакаби.
Корзиканските власти барале, во страв од поголемо насилство, да продолжи натпреварот, но тоа не се случи. Фудбалерите на Лион се обиделе да стигнат до клупскиот автобус, но полицијата не можела да им гарантира безбедност, па се вратиле во соблекувалната, додека не се смири ситуацијата, за да се упатат кон дома.

Најнови вести