Корисничко име Лозинка Пријави се
10.7.2017

ФИА потврди: Ботас во границите на дозволеното

Меѓународната автомобилска федерација потврди дека Валтери Ботас, возачот на Мерцедес, не ги прекршил правилата при стартот на трката за Големата награда на Австрија, на патеката „Ред Бул ринг“.

Финецотво Австрија тргна од пол-позицијата, на крајот и ја освои трката пред Германецот Себастијан Фетел, но возачот на Ферари уште на почетокот му сигнализираше на тимот дека Ботас тргнал прерано.
ФИА по завршувањето на трката, го ослободи Ботас од секакво сомнение објаснувајќи дека секое негово движење пред стартот било во границите на дозволеното.
Компјутерските системи на Формула А детектирале дека Финецот тргнал 0,201 секунди по гаснењето на светлото, како и тоа дека сè што направил дотогаш било регуларно.
За конфузијата посебно придонесоа телевизиските снимки, на коишто е прикажано како Ботас ги движи предните пневматици додека се вклучени светлата.
ФИА образложи дека таквите прилагодувања на болидот пред почетокот на трката се дозволени, дека таквиот систем се користи веќе 20 години и дека сите екипи ги прифатиле тие правила.
„Валтери Ботас не ја надмина многу малата граница што е дозволена. Едноставно кажано, тој направи исклучително точна одлука и со голема прецизност предвиде кога ќе се изгаснат светлата. Секое движење пред да се изгаснат светлата беше дозволено и се толерира“, изјавија од ФИА.

Најнови вести