Корисничко име Лозинка Пријави се
22.1.2018

Спектакл во Лион – ПСЖ поразен, Депај херој во 94-тата минута

Екипата на Лион со 2-1 го победи ПСЖ во дербито на 22-рото коло на француската Лига 1.

Дербито на францускиот шампионат не разочара, во него можеше да се види сè што може да понуди фудбалот.
Сè почна од втората минута, кога Набил Фекир постигна спектакуларен гол, но благодарение на големата грешка на голманот Алфонс Ареола.
Крилниот напаѓач изведе слободен удар од повеќе од триесет метри и топката ја испрати во голот. Ареола очајно се постави, му остави голем простор на Фекир, кој го виде тоа и со прецизен удар постигна гол.
Килијан Мбапе во 36-тата минута мораше да излезе поради повреда, а на теренот го замени Јулијан Дракслер. Во продолжението на времето беше постигнат можеби голот на сезоната.
Дани Алвес центрираше од десната страна, а левиот бек Лајвин Курзава од волеј ја испрати топката во голот - речиси само што не ја проби мрежата. На паузата резултатот беше 1-1.
Во продолжението на натпреварот продолжија и возбудувањата. Бразилецот Дани Алвес стартуваше остро, а судијата Клемен Турпан му даде директен црвен картон. Веројатно судијата преостро реагираше.
Се чинеше дека ПСЖ ќе успее да одолее со играч помалку, но во 94-тата минута Мемфис Депај постигна гол за голема прослава на стадионот.
Фекир му ја додаде топката на Холанѓанецот, кој од 25 метри ја удри многу силно и со спектакуларниот гол го совлада Ареола.
ПСЖ и понатаму е прв на табелата со 56 бода, додека Лион со оваа победа дојде до второто место и 48 бода.

Најнови вести