Корисничко име Лозинка Пријави се
17.7.2017

Петта победа на Хамилтон, 57-ма во кариерата

Британецот Луис Хамилтон, трикратниот шампион на светот, славеше дома и се приближи само на еден поен до лидерот во шампионатот, Германецот Себастијан Фетел во Ферари.

Британецот Луис Хамилтон, трикратниот шампион на светот, доминираше на патеката „Силверстон“. Ја оствари 67-мата пол-позиција во кариерата, победи по петти пат на Островот, 57-ми пат во кариерата и го постави најдоброто време на кругот во историјата (1:30.621).
Трката не беше многу интересна сè до последните два круга, повеќето престигнувања беа направени преку боксот.
Потоа на Кими Раиконен од Ферари му пукна предниот лев пневматик, до второто место стигна неговиот клупски колега, лидерот во шампионатот Себастијан Фетел, но на неколку стотини метри понатаму и нему му пукна предниот лев пневматик и тој мораше да оди во боксот, па двајцата ги загубија позициите.
На крајот до второто место доаѓа Валтери Ботас, а Кими сепак се пласира на третото место. Разликата меѓу водечкиот Фетел и второпласираниот Хамилтон на средината на шампионатот сега е само еден бод.
Наредната трка се вози во Унгарија, на патеката „Хунгароринг“ (првата трка во 1986, кругови 70 - 4.381 км, должина 306.630 км, рекорд на круг Михаел Шумахер во 2004 – 1:19.071), а натпреварувачкиот викенд трае од 28-ми до 30-ти јули.

Најнови вести