Корисничко име Лозинка Пријави се
25.10.2012

Пипан го презеде МЗТ Скопје

Словенечкиот стручњак Алеш Пипан е нов тренер на македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје.

По оставката на Александар Тодоров, клубот од Аеродром преговараше со неколку домашни тренери, но откако не успеа да се договори, изборот падна на странски стручњак.
„Начелно се договорени сите работи, го очекуваме Алеш Пипан во текот на денот да пристигне за да се финализираат деталите и да потпишеме договор. Станува збор за тренер со импресивно искуство, има работено и како селектор и како тренер во квалитетни клубови. Договорот со него ќе биде до крајот на оваа сезона, по што ќе разговараме околу евентуално продолжување“, изјави за „Екипа“ претседателот на МЗТ Скопје, Сашо Босилков.
Педесет и тригодишниот Пипан во својата кариера беше тренер на Пивоварна Лашко, Крка, Геоплин Слован, Анвил Вроцлав, Задар, а како селектор на Словенија ја водеше репрезентацијата на Евробаскетот 2005 и 2007 и на ФИБА Светското првенство во 2006 година. На последниот Евробаскет во Литванија беше на кормилото на селекцијата на Пoлска.
МЗТ Скопје во сабота во СЦ „Борис Трајковски“ го игра натпреварот од шестото коло во АБА-лигата против белградска Црвена ѕвезда.

Најнови вести