Корисничко име Лозинка Пријави се
23.10.2012

МЗТ Скопје остана без тренер

Александар Тодоров, тренерот на МЗТ Скопје, синоќа даде неотповиклива оставка. Во клубот ќе остане како спортски директор.

Трите последователни порази во АБА-лигата, како и слабиот ангажман на неговите кошаркари во натпреварите против Будуќност, Раднички и Сплит се причина за неговата оставка како тренер на МЗТ Скопје.
„Сметам дека оставката е морален чин по натпреварот во Сплит. Скорот од две победи и три порази можеби е според очекувањата, но начинот на игра на екипата на последните четири натпревари беше далеку од она што јас како тренер, а и сите симпатизери на МЗТ Скопје го очекуваа. Со оглед на тоа што јас ја правев селекцијата во текот на летото, беше логично и јас да ја понесам одговорноста, наместо да се отиде во нова реконструкција на екипата“, стои во соопштението на Тодоров објавено на официјалната интернет-страница на клубот.
МЗТ веќе е во потрага по нов тренер и наскоро ќе биде објавено неговото име.
„Најпрво би сакал во името на целиот Управен одбор да му се заблагодарам на Тодоров за тоа што го направи за нашиот клуб. Сакам да ја информирам јавноста дека тој и понатаму ќе остане дел од МЗТ Скопје, и тоа преку функцијата спортски директор. Досегашниот спортски директор Ѓорѓе Војновиќ ќе остане во клубот како член на Управниот одбор задолжен за кошаркарски операции. За името на новиот тренер дополнително ќе ве известиме“, изјави Сашо Босилков, извршниот директор на МЗТ Скопје.

Најнови вести