Корисничко име Лозинка Пријави се
10.10.2018

Кондогбија ќе игра за Централно Африканска Република

Откако виде дека тешко ќе заигра за светскиот првак, фудбалерот на Валенсија се реши за земјата на родителите

Жофри Кондогбија нема да игра за репрезентацијата на Франција, и подготвен е да дебитира во дресот на Централно Африканската Република.

Фудбалерот на Валенсија е роден во Франција, со „галските петли“ (соиграчи му беа Погба чии браќа настапуваат за Гвинеја, и Умтити кој постојано ги одбиваше поканите да игра за Камерун) освои златен медал на СП за играчи до 20 години во 2013 година, одигра пет пријателски средби и за сениорскиот национален тим на родната земја, но откако од септември 2015 година наваму не доби повик да игра, одлучи да почне репрезентативна кариера во земјата на неговите родители.

Репрезентацијата на ЦАР никогаш не играла на Африканскиот куп на нации, па Кондогбија ќе се обиде да им помогне првпат да се пласираат на континенталното првенство. Дебито ќе го има против Брегот на слонова коска.

Пред една недела, Кондогбија играше на „Олд Трафорд“ меч од Лигата на шампионите, а сега ќе треба да игра во ист тим со момци кои се далеку зад неговите технички и економски можности. Четворица репрезентативци немаат клуб, а селектор им е Раул Савој, швајцарски тренер со шпанско потекло.

Најнови вести