Корисничко име Лозинка Пријави се
29.8.2018

Русин надигра Грк на њујоршкиот пекол

Медведев беше поотпорен на сонцето од колегата Циципас

Младата грчка тениска ѕвезда Стефанос Циципас не успеа да го мине второто коло на Отвореното првенство на САД и беше елиминиран од Русинот Данил Медведев. Се покажа дека екстремно топлото време во Њујорк беше поголем проблем за „јужњакот“ отколку за човекот кој доаѓа од земја во која ретки се високи температури од 36 целзиусови степени како за време на турнирот на „Флешинг медоуз“.
Циципас, кој има 20 години, беше 15-ти носител и фаворит против 36-то рангираниот и две години постар Медведев, но на теренот број 10, по 2 часа и 48 минути игра, Русинот победи со 3:1 во сетови. Во третото коло, Медведев ќе се сретне со Хрватот Борна Чориќ. 
Главна тема на Отвореното првенство на САД денеска е потегот на Ализе Корне, која беше казнета откако на терен си ја пресоблече маицата откако забележа дека и е облечена наопачки (пред ова двете тенисерки имаа пауза во соблекувална, каде што таа не забележала дека маицата ја облекла од погрешната страна). Французинката ја соблече маицата (под неа имаше градник) и по 15 секунди повторно ја облече, но доби укор и казна од главниот судија. 
Веднаш следуваа жестоки реакции за нерамноправност на половите (честа слика е машките тенисери да бидат голи од половината нагоре). И организаторите на турнирот ја оправдаа постапката на Корне и рекоа дека одлуката за казна е некоректна, па Корне сепак нема да биде казнета.