23.8.2018 Косово без селекторот се подготвува за Македонија
Мулаомеровиќ во Приштина треба да се појави на 29-ти август
Репрезентацијата на Косово денеска, без присуство на селекторот Дамир Мулаомеровиќ, ги почна подготовките за средбата од претквалификациите за Евробаскетот 2021 со Македонија на 13-ти септември во Приштина. Мулаомеровиќ најавил доцнење од шест дена и ќе се појави во Приштина на 29-ти август, а дотогаш работата со националниот тим ќе биде во рацете на неговите помошници.
Косовците најавуваат дека ќе тренираат двапати дневно во „Палатата на млади и спорт“ во Приштина, каде што и ќе се одигра мечот.
За списокот на кандидати за настап на средбата со нашиот национален тим, Мулаомеровиќ и соработниците изработија широка листа од 24-ца кошаркари. На списокот се двајца натурализирани играчи (Шон Џонс и Скот Бамфорт) и неколку младински репрезентативци. Сепак, костурот на тимот го сочинуваат оние играчи кои и минатата година во претквалификациите за СП играа со Македонија.
Главна ѕвезда е Дардан Бериша, а тука се и Фисник Ругова, Ерјон Кастрати, Гзим Морина, Лил Шоши, Леонард Мекај, Албан Вејсели, Микаиле Тмушиќ, Мирза Ахметбашиќ.
Македонија подготовките ќе ги почне на 31-ви август.