Корисничко име Лозинка Пријави се
17.1.2018

Капитенот на Беневенто суспендиран на една година поради допинг

Фабио Лучони, капитенот на италијанскиот фудбалски клуб Беневенто, е суспендиран на една година поради допинг, соопшти денес Антидопинг агенцијата на Италија.

Како што се наведува, во примерокот земен од Лучони, по натпреварот меѓу Беневенто и Торино (0-1) во септември минатата година, е пронајден стероидот клостебол.
Суспензијата на 30-годишниот дефанзивен играч ќе почне да му се смета од октомври. Волтер Џорџоне, клупскиот лекар на Беневенто, е суспендиран на четири години бидејќи на капитенот му дал стероид во спрејот.
Лучони и Џорџоне имаат намера да поднесат жалба на суспензијата. Лучони во 2014 година дојде во Беневенто и му помогна од третата лига да дојде до Серија А. Клубот оваа сезона за прв пат во историјата игра во првата лига.
По 20 одиграни кола во Серија А, Беневенто е последен на табелата само со две победи, односно со седум бода.