Врз основа на член 4 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за игрите на среќа и за забавните игри за време на вонредна состојба ("Службен весник на Република Северна Македонија" бр.108/20), Друштвото за промет и услуги "СПОРТ-ЛАИФ ТРЕЈД" ДОО Скопје, со седиште на ул."Борис Трајковски" бр.198-Скопје на ден 13.05.2020 година ги донесе следните:
ПРАВИЛА ЗА ПРИРЕДУВАЊЕ НА ИНТЕРНЕТ ИГРИ НА СРЕЌА ПРЕКУ ВЕБ АПЛИКАЦИЈА И МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА
ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овие Правила се утврдува правното лице кое ги организира/приредува интернет игрите на среќа во обложувалница, алатките за приредување (уплатно-исплатно место), правила за обложување кои ќе се применуваат на интернет игрите на среќа, начинот и постапката на приредувањето на интернет игри на среќа во обложувалница, а особено начинот на регистрација на играчите за интернет обложување, доказот за извршена уплата и доказот за исплата, начинот на уплата за интернет обложување, начинот на исплата и повлекување на средствата, заштитата на правата на приредувачот и учесниците во интернет играта на среќа. Организатор /приредувач на интернет игри на среќа во обложувалница е правниот субјект:
ДПУ СПОРТ-ЛАИФ ТРЕЈД ДОО Скопје, со седиште на ул.Борис Трајковски бр.198-Скопје со ЕМБС 6220681 и ЕДБ 4030007632631, со Лиценца за приредување на посебни игра на среќа во обложувалница бр.44-4785/1 од 22.05.2018 година издадена од Владата на Република Северна Македонија.
Организаторот/приредувачот го приредува обложувањето на интернет игри на среќа преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа кои претставуваат уплатно-исплатно место.
Овие правила како и Правилата на игри на среќа во обложувалница донесени од организаторот на ден 29.03.2018 година, а одобрени од страна на Министерството за финансии претставуваат општи услови за склучување на договор за учество во сите видови и типови на интернет игри на среќа кај организаторот и ги обврзуваат и организаторот и учесникот и тие се должни во целост да ги почитуваат.
Член 2
Во интернет игрите на среќа во обложувалница што се приредуваат преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација можат да учествуваат само учесници кои се регистрирани кај приредувачот на интернет игрите на среќа.
Учесникот регистрацијата ја врши електронски со пополнување на пријава за учество во интернет игрите на среќа на веб апликација (веб страна/веб платформа) или на мобилна
апликација на приредувачот на интернет игри на среќа.
Со самата регистрација, учесникот во интернет игрите на среќа склучува договор за учество во интернет игрите на среќа во обложувалница кои ги приредува приредувачот на интернет
игри на среќа преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа.
Договорот се склучува со регистрирањето преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација за учество во игрите на среќа од страна на учесникот, со што учесникот ги прифаќа условите за учество, правилата на игра и другите договорни одредби кои ги пропишал приредувачот на интернет игрите на среќа.
ДЕФИНИЦИИ НА ПОИМИ
Член 3
Средство за електронска комуникација: Компјутер (фиксен или преносен), мобилен уред (телефон, таблет и слично) и други уреди кои овозможуваат електронска комуникација помеѓу учесникот и приредувачот на интернет игри на среќа,
Веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација: Се однесува на сите програми, фајлови на податоци или други содржини на www.sportlife.com.mk (веб сајт или сајт), односно содржини врзани за други сајтови кои приредувачот во иднина ќе ги објави со иста намера, кои се дизајнирани за помош на учесниците за извршување на некоја задача односно му овозможуваат на играчот да учествува во интернет игрите на среќа,
Приредувач: Приредувач на интернет игри на среќа,
Учесник: Физичко лице кое по регистрацијата учествува во интернет игрите на среќа, кое ги прифатило сите правила на приредувачот, ги исполнува законските услови за учество во интернет игри на среќа и за кое пристапот е заштитен со корисничко име и лозинка,
Евиденциска сметка: е единствена евиденциска сметка на регистриран учесник доделена од страна на приредувачот во централниот систем на приредувачот. Во рамки на евиденциската сметка се евидентираат сите финансиски трансакции, трансакциите на игри како и сите податоци и параметри кои учесникот ги доставил при регистрација или покасно ги изменил,
Електронска потврда за уплата (е-тикет): е електронски запис на потврдата за уплата на игрите со идентификациски број на учесникот кој се наоѓа на евиденциската сметка на учесникот во централниот систем на приредувачот. Е-тикетот претставува материјален доказ за извршената уплата на Учесникот во интернет игрите на среќа.
Софтвер: Збир на инструкции, програми и процедури кои се упатуваат на процесорот врз основа на кој се извршуваат специфични операции,
Корисничко име: е име на Учесникот кое претставува единствена комбинација на знаци под која учесникот се евидентира во системот и заедно со лозинката се користи за пристап во системот за игра,
Лозника: Комбинација од броеви и букви позната само на учесникот и представува потврда на идентитетот на учесникот при пристапување и користење на системот на приредувачот,
кои учесникот ги избрал во постапката за регистрација.
Бонус средства: Се средства за промоција на игри кои ги доделува приредувачот на евиденциска сметка на учесникот и може да се користат само за уплата на игри и неможе да бидат исплатени на евиденциската сметка на учесникот, освен ако приредувачот не донесе друга одлука и за истото го извести учесникот.
ОПШТИ ПРАВИЛА
Регистрација на учесникот
Член 4
За регистрација и играње на интернет игрите на среќа, учесникот мора да се регистрира, мора да е полнолетен, да има ЕМБГ и важечка и-мејл адреса.
Приредувачот има право во секој момент да бара доказ за возраста на учесникот, како и да ги провери добиените податоци во било кое време. Регистрацијата може да биде блокирана во случај податоците да не се доставени до приредувачот навремено или податоците се невистинити.
Доколку верфикацијата покаже дека податоците на учесникот не се точни или учесникот не е полнолетен (нема 18+ години), во тој случај регистрацијата се поништува и нема да се креира кориснички налог за тој учесник.
Процес на регистрација на учесникот
Член 5
Во интернет игрите на среќа може да учествува единствено и исклучиво лице со навршени 18 години кое е регистрирано кај приредувачот. За регистрација, учесникот во интернет игрите
на среќа задолжително ги доставува следните податоци:
-име и презиме,
-адреса,
-ден,месец и година на раѓање,
-и-мејл адреса,
-ЕМБГ,
-лозинка и
-податоци за трансакциската сметка каде што ќе се исплатува добивката односно каде што ќе се пренесуваат средствата од евиденциската сметка.
Регистрацијата на учесникот е процес на превземање и чување на податоците врз основа на склучениот договор за учество во интернет обложување. Во текот на постапката за регистрацијата учесникот е должен точно да го пополни образецот за регистрација со податоците кои ги бара приредувачот.
По потврдување на пополнетите податоци на учесникот му се испраќа верификациски и-мејл со активациски линк и со кликнување на истиот учесникот успешно ја потврдува својата и-мејл адреса и го довршува процесот на регистрација.
Ако приредувачот на интернет игрите на среќа утврди дека регистрираниот учесник во игрите на среќа доставил лажни податоци и покрај тоа што веќе е регистриран, приредувачот веднаш ќе го исклучи учесникот и ќе ја поништи регистрацијата, а воедно и отсрани сите информации од сите системи за корисникот на кој е поништена регистрацијата и за тоа ќе го извести учесникот веднаш.
Едно лице може да поседува само еден кориснички профил, односно со еден ЕМБГ и една
иста и-мејл адреса учесникот не може да креира повеќе кориснички профили.
На малолетни лица им се забранува учество во интернет игрите на среќа и само физички лица постари од 18 години можат да извршат регистрација за учество во интернет игрите на среќа.
Учесникот може во секое време да достави Изјава со која може да ја поништи регистрацијата кај приредувачот.
Член 6
Приредувачот на интернет игрите на среќа ќе му ги стави на располагање на учесникот во игрите на среќа сите правила кои се однесуваат на интернет игрите на среќа како и информации за трошоците за учество на учесникот во игрите на среќа кои приредувачот може да ги наплати.
Член 7
Со регистрација на учесникот се смета дека учесникот ги прифатил овие правила како и Правилата за игри на среќа во Обложувалница, донесени од приредувачот на 29.03.2018 годинаа, а кои се одобрени од Министерството за финансии, во целост и безусловно ги прифатил сите услови за учество во интернет игрите на среќа, мерките за заштита на лични податоци кои ги применува приредувачот, правото на приредувачот да поништи одредени трансакции или да ја поништи евиденциската сметка на учесникот во случај кога ќе утврди дека учесникот ги крши правилата на приредувачот, право на приредувачот да спречи секоја измама, злоупотреба, перење на пари или други слични забранети дејствија, да ги обработува и регистрира во базата на податоци сите информации во врска со начинот на игра, личните податоци и средствата на евиденциската сметка.
Управување со евиденциска сметка, пристап и користење на евиденциска сметка
Член 8
Учесникот пристапува на евиденциската сметка со внесување на име и презиме и лозинката која му е позната само на него. Учесникот е должен да ги чува своите кориснички податоци и сам сноси одговорност за материјалните и нематеријалните последици за користење на евиденциската сметка како и злоупотреба од страна на неовластени лица. Учесникот прифаќа и гарантира дека ќе ја користи платформата за интернет игри на среќа на приредувачот согласно позитивните законски прописи на Република Северна Македонија, како и дека нема да уплаќа средства стекнати со незаконски активности односно нема да врши трансакции за кои не е овластен.
Учесникот е должен да го извести приредувачот на официјалната контакт и-мејл адреса за било каква неавторизирана употреба на лозинката или во било кој друг случај на нарушување на безбедноста.
Приредувачот го задржува правото да ги поништи сите трансакции од евиденциската сметка доколку утврди дека учесникот располага со истата на недозволен и незаконски начин, како
и да ги задржи сите средства кои се уплатени од учесникот на име надомест на штета.
По регистрацијата на учесникот, приредувачот автоматски и без надомест отвара евиденциска сметка преку која се одвиваат сите финансиски трансакции.
Член 9
Приредувачот на интернет игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа отвара и води само една евиденциска сметка на регистриран учесник во игрите на среќа.
Приредувачот на игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа ги евидентира на
евиденциската сметка отворена за регистриран учесник во игрите на среќа:
-средствата кои регистрираниот учесник во игрите на среќа ги уплатил на својата
евиденциска сметка и
-секоја остварена добивка од одделна интернет игра на среќа намалена за износот на данокот на доход.
Средствата за учество во интернет игрите на среќа кон приредувачот на интернет игри на среќа и исплатите кон сите регистрирани учесници се вршат со пренос на средствата преку банка со седиште во Република Северна Македонија.
Состојба на евиденциска сметка
Член 10
На учесникот во интернет игрите на среќа му е достапен преглед на сите трансакции на евиденциската сметка:уплата/исплата на средства, временски означени, начин и износ на трансакции. Учесникот преку евиденциската сметка ги упатува барањата за уплата и исплата на паричните средства.
Учесникот ја проверува состојбата на евиденциската сметка при секое пристапување на веб апликацијата на приредувачот. Во случај на неусогласеност на состојбата, учесникот е должен веднаш и без одлагање да го извести приредувачот за усогласување на состојбата и превземање на евентуално дополнителни заштитни мерки.
Уплата на евиденциска сметка
Член 11
Евиденциската сметка на учесникот се користи исклучиво за учество во интернет игрите на среќа кај приредувачот.
Уплатите за учество во интернет игрите на среќа преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација кај приредувачот на интернет игри на среќа од страна на физичко лице резидент или нерезидент на Република Северна Македонија се вршат во денари.
Со уплатените средства учесникот може да располага по евидентирање на евиденциската сметка. При уплата на средствата на евиденциската сметка придедувачот не наплаќа надомест.
Минималната сума за уплата на средства на евиденциска сметка изнесува 300 денари.
Максимална сума за уплата на средства на евиденциска сметка изнесува 300.000 денари.
Уплатените средства на евиденциската сметка не претставуваат промет согласно Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Прометот од игри на среќа настанува со уплата (пренос) на влогот од евиденциската сметка на регистрираниот учесник за учество во интернет игрите на среќа преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа.
За износот на влогот на секоја интернет игра на среќа се намалуваат средствата од евиденциската сметка на регистрираниот учесник за учество во интернет игрите на среќа.
При уплата на влогот, учесникот ќе добие повратна порака од приредувачот со која се потврдува учеството во интернет игрите на среќа.
Остварената добивка од игрите на среќа за секоја игра намалена за износот на данокот на доход се евидентира на евиденциската сметка на учесникот во игрите на среќа.
Приредувачот на интернет игрите на среќа нема да вклучи учесник во интернет игрите на среќа доколку:
-ученикот не е регистриран согласно правилата за регистрација на учесниците во игрите на среќа,
-нема доволно средства на сметката на регистриран учесник (евиденциската сметка) во игрите на среќа за покривање на висината на влогот или
-дознае дека средствата потребни за покривање на влогот не се обезбедени на законит начин.
Уплатата на средства од страна на регистрираниот учесник во игрите на среќа спрема
приредувачот на интернет игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа може
да се врши само на еден од следните начини:
-платежна картичка (кредитна или дебитна) и/или
-електронски трансфер (електронско банкарство) и/или со уплата на шалтер кај носител на платен промет.
Приредувачот на интернет игрите на среќа не смее да му одобрува кредит на учесникот во игрите на среќа или на сметката на учесникот во игрите на среќа , или пак да дејствува како посредник за лице кое обезбедува кредит да го олесни обезбедувањето на кредитот за учесникот во игрите на среќа или за сметката на учесникот во интернет игрите на среќа.
Учесникот кој ја поништил регистрацијата, може да побара средствата од евиденциската сметка кај приредувачот да му се исплатат на трансакциска сметка согласно правилата за исплата опишани во член 12 на овие правила.
Исплата од евиденциска сметка
Член 12
Од евиденциската сметка на учесникот можат да му се исплаќаат само средства располoживи за исплата.
Приредувачот на интернет игрите на среќа е должен на барање на регистриран учесник во игрите на среќа на чие име е формирана евиденциската сметка кај приредувачот на интернет игрите на среќа, да ги уплати расположивите средства на учесникот во игрите на среќа, со
пренос на средствата преку банка на неговата трансакциска сметка, односно на кредитната или дебитна картичка најдоцна до 5 (пет) работни дена од денот на приемот на барањето на учесникот, а реализацијата на трансакцијата зависи исклучиво од банката.
Исплатата на средства од евиденциската сметка на регистрираниот учесник не претставува исплата согласно со Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Доколку учесникот сака средствата од евиденциската сметка да му бидат префрлени на трансакциската сметка, должен е пред поднесување на барањето за префрлување во полето за регистрација на својот кориснички налог да го потврди точниот број на трансакциската сметка на која сака да му се изврши префрлување на исплатата. Учесникот е должен во полето за регистрација да го внесе исклучиво бројот на својата трансакциска сметка. Забрането е внесување на туѓи броеви на трансакциска сметка. Учесникот е должен на барање на приредувачот да достави доказ за сопственост на трансакциската сметка, а приредувачот е овластен и на друг начин да изврши проверка на трансакциската сметка и идентитетот на учесникот преку единствен овластен регистар на трансакциски сметки во РСМ.
Доколку учесникот не ги неисполнува обврските по став 4 од овој член, приредувачот има право да го одбие барањето за префрлување на средства.
Приредувачот не сноси никаква одговорност во случај на погрешно внесена трансакциска сметка од страна на учесникот или во случај на грешка на банката преку која се врши преносот на средствата.
Од моментот на поднесување на барањето за исплата на средства учесникот не може да располага со истите на неговата евиденциска сметка.
Приредувачот го задржува правото за исправка на финансиската трансакција на исплатената добивка на евиденциската сметка на учесникот доколку при исплатата е настаната техничка грешка или е погрешно евидентиран резултатот и при тоа може да изврши поврат на погрешно евидентираните средства.
Исплата на средства од евиденциска сметка на учесникот може да се врши само еднаш во тек на еден ден.
Минималната сума за исплата на средства од евиденциската сметка на учесникот изнесува 300 денари.
Максималната сума за исплата на средства од евиденциската сметка на учесникот изнесува 300.000 денари.
Во случај на повлекување на целокупниот или делумниот износ веднаш по уплатата на евиденциската сметка, приредувачот го задржува правото да наплати административни трошоци во висина од 10% од износот на уплатата.
CASH OUT-исплата
Член 13
Приредувачот може на учесникот да му понуди т.н. CASH ОUT исплата, односно исплата на е-тикет во кој сите настани не се завршени или не се ни започнати, или пак се погодени дел од настаните (рана исплата на тикет), па за останатите настани кои не се завршени или не се ни започнати, да му даде на учесникот можност да изврши исплата на е-тикетот но со намален износ кој се пресметува врз основа на тековните коефициенти на преостанатите настани. CASH ОUT исплатата не е фиксна и зависи од времето кога учесникот ја прифаќа исплатата. CASH ОUT исплата може да се реализира само за определени настани понудени од приредувачот.
Кога учесникот ја прифаќа CASH ОUT исплатата, е-тикетот добива статус на добитен тикет, исплатата ќе биде со намален износ без оглед каков ќе биде конечниот исход на незавршените или незапочнатите настани. Исто како и сите добитни е-тикети, износот на добивката со CASH OUT ќе биде намалена за данокот на доход и префрлена на евиденсицката сметка на учесникот.
Во случај на погрешна CASH OUT исплата оносно понудениот износ за рана исплата не е адекватен поради погрешни коефициенти на настаните кои не се завршени или започнати, приредувачот го задржува правото да направи повторна пресметка со точните коефициенти во моментот на CASH OUT исплата. Исто така во случај на погрешна CASH OUT исплата врз основа на погрешно обработен резултат на некој настан приредувачот го задржува правото за корекција на резултатот и може да направи повторна пресметка.
Промена и располагање со евиденциската сметка
Член 14
Приредувачот на интернет игрите на среќа е должен во секое време на учесникот да му овозможи промена на дел од личните податоци (контакт телефон, трансакциска сметка или лозинка), ограничувања и самоисклучување.
Приредувачот при промена на личните податоци ќе му прати на учесникот и-меил со известување за евидентираните промени и линк за активација на промените.
Учесникот е одговорен за сите трансакции остварени преку неговата евиденциска сметка и секое лице кое ќе се претстави и пријави на веб апликацијата со точни податоци и лозинка ќе се смета за веродостојно, а сите финансиски трансакции ќе бидат валидни и нема да бидат поништени.
Во случај на промена на личните податоци учесникот е должен без одлагање да го извести приредувачот. Во спротивно одговара за сите пропусти или настаната штета поради неинформираност на приредувачот.
Во случај учесникот да ја заборавил лозинката и побара промена на истата приредувачот ќе му прати линк за внесување на нова лозинка.
Приредувачот го задржува правото од учесникот да побара да ја промени лозинката доколку смета дека истата не е доволно безбедна.
Приредувачот не прифаќа никаква одговорност за било каква загуба или штета која ќе ја претрпи учесникот како резултат на неавторизирана/неовластена употреба на неговите податоци од страна на трето лице па и без знаење на учесникот.
Лично ограничување - самоисклучување
Член 15
Приредувачот на учесникот ќе му овозможи да стави лични ограничувања на игра, поточно лимит при уплата на дневно, неделно или месечно ниво. Лимитот на уплата претставува
најголем вкупен износ на сите уплати на учесникот во избраниот временски период.
Учесникот во интернет игрите на среќа може да се самоисклучи времено или трајно. Самоисклучувањето на учесникот настапува кога ќе пополни и достави барање до приредувачот. За времетраење на самоисклучувањето на учесникот нема да му биде дозволена уплата на тикети, а добивките од игрите уплатени претходно а остварени за времетраење на самоисклучувањето ќе бидат регистрирани на евиденциската сметка на учесникот и исплатени на трансакциската сметка на учесникот.
Историја на трансакции
Член 16
Приредувачот му овозможува на учесникот увид во неговата евиденциска сметка, преглед на историјата на трансакциите, уплатата и исплатата на добивките, како и филтрирање на податоците од историјата.
Одговорно обложување
Член 17
Приредувачот се обврзува се обврзува во согласност на позитивните законските прописи и сопствените начела на одговорен приредувач до спроведува мерки и стандарди за заштита на учесниците во интернет игрите на среќа. Само на полнолетни лица им е дозволено да учествуваат во интернет игрите на среќа.
На учесниците им е на располагање форма на самоисклучување во избран временски период или трајно. На интернет страната на приредувачот во било кое време е достапен текст за одговорно обложување. Во овој дел учесникот може да ги види сите механизми кои се применети на сајтот, совети за борба со патолошко и претерано обложување а со цел за намалување на ризикот од зависност, процедури за регистрација и ставање на листа на лица на кои им е забрането обложувањето, како и листа на организации кои се специјализирани за борба против зависности.
Ограничување и поништување на евиденциска сметка на учесникот
Член 18
Приредувачот го задржува правото на учесникот во интернет игрите на среќа привремено или трајно, без претходна најава да му го ограничи правото за располагање со евиденциската сметка, да му ја ускрати евентуалната добивка и сите негови игри да ги прогласи за неважечки во случај на манипулација или измама како и во случај на повреда на одредбите на правилата за игри на среќа, како и повреда на позитивни законски прописи, ако учесникот учествува во интернет игрите на среќа наместо друго лице, уплатува средства стекнати од криминални или нелегални активности, побара исплата на средствата на трансакциски сметки за кои нема овласување да ги користи или доколку се утврди дека учесникот има отворено повеќе евиденциски сметки спротивно на овие Правила.
Учесникот по и-мејл ќе биде известен за привременото или трајното затворање на евиденциската сметка.
Приредувачот на интернет игрите на среќа го задржува правото да ги извести надлежните органи за било кои активности на учесникот кои се или се сомнева дека се спротивни на закон.
Затворање на евиденциска сметка
Член 19
Со затворање на евиденциската сметка учесникот се исклучува од системот на приредувачот.
Барањето за затворање на евиденциската сметка се поднесува во форма дефинирана на веб апликацијата на приредувачот. Евиденциската сметка може да се затвори по истекот на рокот за исплата на добивките. Во постапката на затворање на евиденциската сметка на учесникот му се исплаќаат средствата за исплата и уплатените средства во согласност со овие правила. Еднаш затворена евиденциска сметка може да се отвори повторно исклучиво на барање на учесникот и согласно овие правила. Приредувачот го задржува правото да ја затвори евиденциската сметка на учесникот доколку истиот не ги исполнува условите пропишани во овие правила и позитивните законски прописи.
Прифаќање и објавување на правилата
Член 20
Учесникот ги прифаќа овие Правила на интернет страницата на приредувачот во текот на постапката на регистрација. Прифаќањето на овие правила од страна на учесникот е запишано во корисничките податоци на регистрацијата.
Со прифаќање на овие Правила учесникот дава согласност за собирање на личните податоци и нивна обработка за учество во интернет игрите на среќа.
Доколку учесникот не ги прифаќа овие Правила истиот ја откажува регистрацијата во системот на приредувачот. Учесникот со прифаќање на овие Правила дава согласност и на сите идни измени, дополнувања и промена на овие Правила. Приредувачот се обврзува на својот сајт да ја објави важечката верзија на Правилата.
ОПИС НА ОСНОВНИТЕ ПРАВИЛА ЗА ОБЛОЖУВАЊЕ
Член 21
Согласно член 3 став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за игрите на среќа и за забавните игри за време на вонредна состојба ("Службен весник на Република Северна Македонија" бр.108/20), Приредувачот во целосно ги применува Правила за игри на среќа во обложувалница, одобрени од Министерсвото за финансии на ден 29.03.2018 година.
Играчите при интернет обложувањето преку веб апликација (веб страна/веб платформа) или на мобилна апликација ги применуваат правилата за спортско обложување и опис на типови на игри, пресметки, правила при соодветни ситуации, важечки/неважечки типови итн..., утврдени со член 3, член 6, член 8, член 10, член 11, член 12, член 14, член 15, член 16, член 17, член 18, член 19, член 21, член 22, член 24 од Правилата за игри на среќа во обложувалница кои се одобрени од Министерството за Финансии на ден 29.03.2018, и кои се важечки во моментот на донесување на овие Правила.
Приредувачот се обврзува во случај на измена на Правилата за игри на среќа во обложувалница опишани во став 1 и став 2 од овој член, да направи соодветна измена и на овие Правила, и истите да ги објави на www.sportlife.com.mk.
ЗАШТИТА И СИГУРНОСТ НА ПОДАТОЦИТЕ
Лични податоци
Член 22
Приредувачот се обврзува да ги собира, обработува и чува личните податоци на учесниците и нивните евиденциски сметки исклучиво за учество во интернет игрите на среќа кои ги приредува ДПУ СПОРТ-ЛАИФ ТРЕЈД ДОО Скопје. Приредувачот ќе ги чува овие податоци како деловна тајна и ќе постапува со нив согласно позитивните законски прописи особено согласно Законот за заштита на лични податоци.
Приредувачот ќе превземе мерки за заштита на личните податоци од злоупотреба, уништување, губење, неовластена измена или употреба. На барање на приредувачот на интернет игрите на среќа а со цел за проверка на идентитетот учесникот е должен да достави документ за лична идентификација.
Приредувачот го задржува правото да ги открие личните податоци на учесникот на интернет игрите на среќа и податоците од евиденциската сметка по барање на надлежен државен орган, во судска постапка и во истражна постапка.
Приредувачот користи мерки на безбедност за заштита на личните податоци кои ги дава учесникот од неавторизиран пристап или употреба, но и покрај тоа учесникот прифаќа дека трансакциите по пат на Интернет не се никогаш потполно доверливи или сигурни.
Лозинка
Член 23
Учесникот се обрзува да ја чува тајноста на својата лозинка бидејќи истата му е позната исклучиво само нему, непозната и недостапна е за приредувачот и учесникот сам го сноси ризикот од нејзина евентуална злоупотреба.
УЧЕСТВО ВО ИГРИТЕ
Општи одредби
Член 24
Учеството во интернет игрите на среќа се одвива исклучиво преку веб апликацијата на приредувачот преку употреба на името на учесникот и лозинката.
Учесникот на веб апликацијата може да пристапи преку својата компјутерска опрема, особено од фиксен или преносен компјутер, мобилен телефон или било кој друг уред со интернет приклучок. За да се поврзе на веб апликацијата учесникот разбира и прифаќа дека мора да има соодветна хардверска и софтверска опрема, како и интернет приклучок кои се компатибилни со условите кои ги нуди веб апликацијата.
Член 25
Приредувачот не е одговорен за грешки при пишување, човечки грешки, софтверски или очигледни грешки во однос на некој производ или информација на интерактивните канали на Приредувачот и го задржува дискреционото право да го поништи секој облог направен или прифатен во околности на вакви грешки.
Учесникот во интернет игрите на среќа може да креира и уплати иста комбинација само еднаш на еден е-тикет.
Учесникот не може да го поништи/сторнира уплатениот е-тикет.
Бонус
Член 26
Приредувачот ги пропишува условите за користење на поединечни маркетнишки бонуси. Приредувачот се обврзува дека пред доделување на бонусите точно ќе ги пропише условите кои треба да ги исполни учесникот за да добие поединечен маркетиншки бонус и истите ќе ги објави јавно на својата интернет страница, социјалните мрежи или на друг пригоден начин. Маркетиншките бонуси се лимитирани така што еден учесник може да добие само еден ист бонус. Во случај учесникот да добие повеќе бонуси врз основа на тоа што има повеќе евиденциски сметки отворени спротивно на овие Правила, приредувачот има право да го поништи бонусот и да ги затвори сите евиденциски сметки.
Маркетиншките бонуси добиени од страна на приредувачот можат да се користат исклучиво како влог во обложување и не може да се исплаќаат. Исплата на добивката од бонусот нема да се изврши се додека учесникот не ги вложил како што е наведено за користење на конкретниот бонус.
Во случај на било какви злоупотреби, преиредувачот го задржува правото да ги прекине маркетиншките акции и да ги поништи маркетиншките бонуси на одредени или на сите учесници.
Организирано обложување
Член 27
Во случај да од страна на различни учесници во краток временски период Приредувачот прими уплата на повеќе идентични или многу слични комбинации приредувачот го задржува правото да ги поништи сите уплатени комбинации.
Приредувачот исто така го задржува правото во било кое време да ги поништи уплатените комбинации доколку заклучи и има докази дека постои договор помеѓу различни учесници во интернет игрите на среќа.
Интегритет на настан
Член 28
Приредувачот го задржува правото да поништи било кое обложување на некој настан и го задржува правото да ја задржи исплатата на добивката доколку интегритетот на настанот е загрозен, односно доколку приредувачот оцени и има докази дека било кој делувал на исходот на настанот, кршејќи ги на тој начин одредбите и официјалните правила за одржување на настанот или доколку постојат докази со кои се оспорува регуларноста на одржувањето на настанот. Вложените средства на поединечните обложувања во тој случај ќе бидат вратени на евиденциските сметки на учесниците.
Вештачка интелегенција
Член 29
На учесникот му е забрането да користи било кој облик на вештачка интелегенција при учеството во интернет игрите на среќа.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 30
Освен согласно законската регулатива и сите одговорости и права од истата, приредувачот не сноси одговорност за било каква штета или загуби кои можат да настанат како резултат или последица од користење на интернет страната на приредувачот или нејзината содржина, вклучувајќи без ограничување каснење или прекин на работа, прекин на комуникациската мрежа, секоја употреба или злоупотреба на веб апликацијата или неговата содржина од страна на неовластени лица.
Во случај да постојат индиции и докази за било какви измами приредувачот го задржува правото да ги поништи сите или поединечни обложувања на учесниците кои ги препознава како членови на иста група.
Се што не е регулирано со овие правила, а се однесува на интернет игрите на среќа се применуваат одредбите од Законот за игрите на среќа и забавните игри, подзаконските акти донесени врз основа на погоре наведениот закон и останатите позитивни правни прописи.
Член 31
Со учеството во интернет игрите на среќа и користењето на веб апликацијата на приредувачот учесникот се обврзува да ја користи веб апликацијата и услугите согласно Правилата за интернет игри на среќа во обложувалница, да не креира и користи лажен идентитет, да не шири лажни информации или незаконски известувања, да не се обидува неавторизирано да пристапи на веб апликацијата, да не ја користи веб апликацијата во незаконски цели, или на начин на кој би можел да го наруши угледот на приредувачот или на трети лица, да не репродуцира содржини или дел од содржини од веб апликацијата на никој без дозвола на приредувачот, да ги почитува сите даночни обврски, да не дозволи на трети лица да ја користат неговата евиденциска сметка, ниту да користи методи на плаќање ниту евиденциска сметка на трето лице дури и со негова согласност, да одговори на секое барање упатено од приредувачот во врска со неговата евиденциска сметка и да достави на приредувачот документи или докази за возраста, трансакциската сметка и друго.
Член 32
Учесникот изјавува дека е свесен дека приредувачот е сопственик на правата од интелектуална сопственост на сите заштитни знаци, име на компанија, симболи, комерцијални имиња, имиња на домени или URL, логови, фотографии, бази на податоци, звук, видео клипови, анимации, слики, текстови и друго или било кои други карактеристики, како и на софтверот и игрите претставени на веб апликацијата.
Член 33
Можно е веб апликацијата да содржи линкови од апликации или интернет страни од трети лица. Таквите апликации се дадени исклучиво да се информираат учесниците. Приредувачот не дава гаранции и не прифаќа одговорност за текстовите, линковите или содржините на апликациите од трети лица.
Учесникот пристапува на такви апликации на сопствена одговорност и прифаќа и разбира дека овие апликации можат да бидат регулирани со други одредби и услови за користење и други одредби за заштита од тие кои важат за оваа апликација.
Член 34
Доколку учесникот има било какви прашања во врска со овие Правила или во врска со услугите прикажани на сајтот, во секое време може да контактира со приредувачот на телефонскиот број објавен на веб апликацијата или на следната и-мејл адреса: support@sportlife.com.mk.
Приредувачот на својата интернет страна ќе истакнува известувања за промени на функционирање на евиденциската сметка и апликацијата.
Приредувачот на учесникот ќе му праќа промотивни известувања врз основа на претходна согласност. Ако поради пропуст на учесникот известувањето не може да биде доставено, а истото е објавено на интернет страната на приредувачот ќе се смета дека истото е уредно доставено.
Член 35
Учесникот во интернет игрите на среќа има право во рок од 8 (осум) дена од денот на постигнувањето на резултатот да поднесе електронски или писмен приговор до приредувачот.
Приредувачот има право во рок од 7 (седум) дена од поднесувањето на приговорот да утврди дали приговорот е основан , и во случај на прифаќање на приговорот во рок од 5 (пет) дена да изврши исплата на остварената добивка на учесникот во интернет игрите на среќа.
Член 36
Во случај на било каков спор меѓу учесниците и приредувачот на интернет игрите на среќа кој неможе да се реши спогодбено, надлежен е Граѓанскиот суд во Скопје.
Член 37
Приредувачот е должен овие правила да ги истакне на веб апликацијата (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација кај приредувачот на интернет игри на среќа, јавно објавени и достапни на сите учесници во интернет игрите на среќа.
Приредувачот е должен да ги истакне на веб апликацијата (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација и правилата наведени во член 21 од овие Правила.
Член 38
Овие правила стапуваат на сила по добивање на согласност од страна на Министерството за финансии, а се применуваат од денот на нивното објавување на веб апликацијата (веб страна/веб платформа) или мобилна апликација кај приредувачот на интернет игри на среќа.
13.05.2020 ДПУ СПОРТ-ЛАИФ ТРЕЈД ДОО Скопје
Управител
Емил Димитров